Бислимовски: Прерано е да шпекулирам за цената на струјата, но не очекувам шокови

Крајната цена на струјата, објасни Бислимовски, најмногу ќе зависи од понудата што државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ ќе ја понуди на „ЕВН хоум“

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски / ФОТО: Принтскрин

Во овој момент би било некоректно да шпекулирам какви би биле цените на струјата по 1 јануари 2025 година, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски во вечерашното гостување во дневникот на Сител телевизија.

Како што објасни Бислимовски, за цената прерано да се зборува бидејќи тендерите за набавка не се завршени, а дел не се ни почнати.

Но, првиот човек на РКЕ не верува дека би имало некои проблематични одлуки коишто би влијаеле на буџетот на домаќинствата.

Како што рече тој, досега барања за цената доставиле МЕПСО, МЕМО и „Електродистрибуција“, а се очекува во декември тоа да го стори и универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“.

Крајната цена на струјата, објасни Бислимовски, најмногу ќе зависи од понудата што државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ ќе ја понуди на „ЕВН хоум“.

„Најбитните елементи што ќе ни влијаат на одлуката која ќе се применува од 1 јануари се трошоците за набавка на загуби на електрична енергија во преносната и во дистрибутивната мрежа и ќе зависат и од трошокот за набавка на електрична енергија што ќе го распише универзалниот снабдувач. Во најголем дел тие трошоци зависат од цените кои ќе бидат понудени на тендери. Секогаш сум бил противник на какви било екстремни шокови во однос на цената на електричната енергија, така што не очекувам ни сега да има некои проблематични цени во однос на тоа што сме го имале во претходниот период“,

рече Бислимоски во интервјуто за Сител.

Тој кажа и дека во 2023 година имало рекордно низок процент на увоз на струја од само 2,75 отсто, што според него се должи на изградбата на околу 900 мегавати нови производствени капацитети за енергија од сонце и од ветер.

Во изминатите години увозот на струја поради недоволното домашно производство беше често споменуван како главен фактор за растот на цените на електричната енергија. Очекува такви да бидат резултатите и за 2024 година.

Од 1 јули годинава сметките на потрошувачите на електрична енергија на регулираниот пазар, односно на домаќинствата и на малите потрошувачи, минимално се зголемија откако РКЕ донесе одлука за промена на цената. 

Цената на електрична енергија за домаќинствата во првиот блок остана иста, во вториот се зголеми за 0,85 проценти, во третиот за 1,92 проценти и во четвртиот за 1,88 проценти, додека цената на евтината струја се зголеми за 0,65 проценти. Со ова за 88 проценти од домаќинствата што се со потрошувачка во прв и втор блок трошокот за електрична енергија се зголеми за 0,4 проценти. За осум проценти од домаќинствата кои што имаат потрошувачка и во трет блок трошокот на месечно ниво се зголеми за 0,48 проценти и за 4 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок трошокот се зголеми за 0,57 проценти.

 

- Реклама -