Бислимоски: Цената на струјата за домаќинствата ќе ја кажува универзалниот снабдувач – ЕВН хоум

Новата одлука за цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе ја објави Универзалниот снабдувач – ЕВН хоум, откако претходно Регулаторната комисија за енергетика (РКЕР) ќе направи проверка дали е соодветно пресметана.

„Регулаторната комисија за енергетика со новата одлука во декември ќе стартува да ја применува ЕУ практиката според која како обврска на регулаторот е дефинирање на тарифите за пренос и дистрибуција, а крајната цена во која влегуваат сите елементи ќе ја соопшти Универзалниот снабдувач – ЕВН хоум“, изјави денеска за МИА претседателот на РКЕ – Марко Бислимоски.

Тој прецизира дека РКЕ ќе направи проверка дали цената е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања. Но формулата, како што истакнува, е јасна за сите енергетски компании.

Ниту едно регулаторно тело, вели Бислимовски, не ја кажува крајната цена, освен во Србија, можеби и Косово.

„Регулаторот е да регулира тарифи за пренос и дистрибуција. Ќе ја објави ЕВН хоум , а претходно ќе ја контролира РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи“, објаснува Бислимоски.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Како што изјави вчера, ќе нема промена на опсегот на четирите блок тарифи за електричната енергија на регулираниот пазар и покрај забелешките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена“, рече Бислимоски во ТВ гостување.

Според него, намалувањето на субвенциите што ги даваше Владата за електричната енергија е логичен след затоа што, како што рече, оваа година, по завршувањето на грејната сезона немаме потреба од ТЕЦ Неготино и големите набавки завршија. Воедно, посочи тој, имаме и постабилна и попредвидлива состојба со цените на електричната енергија на берза.

МИА

- Реклама -