Бислимоски: Треба да застанеме и да размислиме дали имаме потреба од поскапување на струјата за домаќинствата

Со самото зголемување на ДДВ-то на 10 проценти, дури и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да не  донесе промена на цената на електричната енергија, ќе се зголеми трошокот на граѓаните за електрична енергија, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

„Мислам дека ќе треба да ни се даде простор да разгледаме и ние некои покреативни решенија за да се избегне зголемувањето на вкупниот трошок на електрична енергија којшто би го имале пред се домаќинствата“, изјави Бислимоски во интервју за ТВ „Телма“.

Според Бислимоски, треба да се размисли и да се види дали ќе има потреба да се зголемува електрична енергија за домаќинствата со самото тоа што на регулираниот пазар се префрлаат и одредени субјекти од слободниот пазар.

„Треба да застанеме малку, да ја нагазиме топката и да размислиме дали имаме потреба од зголемување на цената на електричната енергија. Тука пред сѐ зборувам за домаќинствата. Треба да видиме каква ќе биде состојбата во 2023 година, а потоа да разгледуваме дали воопшто имаме потреба да носиме промена на цената на електричната енергија, бидејќи не е фер некој што злоупотребил сега тоа да падне на товар на домаќинствата. Јас разбирам дека општините имаат неколкукратно зголемени трошоци и јавните комунални претпријатија се соочуваат со реален проблем и нивните трошоци за струја во некои месеци се повисоки, но за жал, не чув ниту еден предлог од овие комунални претпријатија како тие би ја подобриле својата ефиканост за работа“, изјави Бислимоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Претходно денеска, коментирајќи го можното зголемување на ДДВ-то за електричната енергија од 5 на 10% со почеток од 1 јануари идната година, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека Владата е свесна дека мора да има покачување на цената, но дека тоа треба да биде „што е можно поблаго“.

ДДВ-то, истакна Битиќи, е само една од ставките во конечната цена која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), но сѐ уште, како што рече, не се согледани сите параметри, а РКЕ треба да одреди кое и какво ќе биде влијанието.

„Ние сѐ уште ги правиме пресметките што значат импутите за следната година. Затоа преземаме мерки веќе една и пол година за импутот во дефинирање на цената за следната година да не биде удар за самите граѓани“, рече Битиќи.

Вицепремиерот потсети дека Владата преку ЕСМ нудела електрична енергија кон ЕВН хоум со многу пониска субвенционирана цена.

„Тоа може да биде една од работите за да се амортизира евентуалното зголемување, но далеку сме сѐ уште од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието. Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните. Сметам дека тоа е императив за Владата“, заклучи Битиќи.

Извор: МИА

- Реклама -