Д-р Роберт Ланза и астрономот Боб Берман објаснуваат еден универзум во кој никој од нас не умира. И пазете, тоа е нашиот универзум.
Ова нивното се вика биоцентризам, и вели дека животот и свеста ја креираат реалноста што ја доживуваме, а без тие два елемента, реалноста едноставно ја нема. Тезата нашироко ја објаснуваат во нивната книга „Beyond Biocentrism“.
Идејата се оформила додека Ланза набљудувал пајак додека ја надгледувал својата мрежа. Тој го замислувал пајакот како целосно „во допир“ со секоја вибрација во мрежата. Мрежата е неговиот универзум, иако не гледа многу надвор од него. Така размислувајќи, Ланза видел нешто познато: „Ние луѓето, исто така, се наоѓаме во срцето на една голема мрежа од време и простор (spacetime), чии нишки се сплетени и поврзани според закони што постојат во нашите умови“.
Во колумната што Ланза и Берман ја имаат напишано за Aeon, тие велат вака: „Испаѓа дека сé што гледаме и доживуваме е вртлог од информација кој се случува во нашите глави… Просторот и времето се алатките што нашиот ум ги користи за сé тоа да го состави заедно“. Така, времето е само наративна конструкција која ја имплементираме за да извлечеме некаква смисла од сиот тој сензорен инпут. Овде се крие и клучот за неумирањето.
Авторите на колумната цитираат низа интелектуалци и научници од историјата, кои и самите имале сомнеж околу реалноста на времето, а меѓу нив и Алберт Ајнштајн, кој кога почина неговиот пријател Мишел Бесо, напиша: „Тој се раздели од овој чуден свет малку порано од мене. Тоа не значи ништо. Луѓето како нас, кои веруваат во физика, знаат дека дистинкцијата меѓу минатото, сегашноста, и иднината е само тврдоглаво упорна илузија“.
Британскиот физичар Џулијан Барбур исто така смета дека времето не е вистинито: „Напротив, времето е апстракција кон која стигнуваме преку промените на нештата“. Барбур вели дека тој и другите физичари на секој момент мислат како на комплетен, самостоен ентитет, и дека живееме во „низа од сегашности“. Имаме силен впечаток дека нештата постојат во дефинитивни меѓузависни позиции, но постојат само сегашности, ништо повеќе и ништо помалку“.
Во биоцентризмот, на времето можеме да гледаме како музички CD албум: Целата музика е на CD-то целото тоа време; единственото нешто што се менува, во суштина, е песната што ја слушаме. Сите моменти на CD-то постојат заедно, истовремено и симултано, во суперпозиција, или во нашите животи – во квантна суперпозиција. Единствено што ни фалат се Fast-Forward и Rewind копчиња за премотување.
Во оваа безвременска шема, наместо смрт, ние само ја достигнуваме „замислената граница на ЈАС-твото“. „А ако смртта и времето се илузии, исто така е и континуитетот во поврзаноста на сегашностите. Каде одиме тогаш? По скалила кои можат да се измешаат и да се постават било каде“.
Се разбира, не сите паѓаат на биоцентризмот, но како и да е, се работи за интересен систем и микс од размисли и на други докажани мислители. Згора на тоа, е утешителен. Убаво ќе биде да биде и вистинит, нели?
Big Think