„Она во што се сомневавме и на кое се противиме полека се остварува“, реагираат од Здружението за канабис и зелени политики – „Билка”, откако премиерот Зоран Заев, во интервју за „Дојче веле“, најави легализација на марихуаната, по теркот на Амстердам, низ туристичките места во целата држава, како дел од голем пакет мерки за стимулирање на економијата, вклучително и преку туризмот.
Од „Билка“ велат дека планот им е познат уште од лани, барем за Скопје, Струмица и Охрид. Посочуваат дека начелно нема ништо лошо во тоа да се легализира и продава марихуана во локали, но предупредуваат дека моделот е многу важен.
„И легализацијата на канабис во медицински цели е добра идеа па видовме како тоа заврши, со воведување екстремно високи услови со цел ограничување на пристапот. Ние сме загрижени дека ќе ја гледаме истата приказна. Воедно круцијално прашање е: дали граѓаните ќе може да садат дома? Внимателно прочитајте ја реченицата ‘потеклото на канабисот’ – ова нам ни укажува дека нема да се дозволи садење дома, туку легално ќе може да си купиме само од НИВ. Во спротивно пак ќе бидеме апсени и третирани како криминалци.
Нека им служи на чест на владините невладини кои учествуваат во вакви бљувотини. ОТПОР!“, порачаа од здружението.