„Билд“: Војна меѓу НАТО и Русија е неизбежна, според таен документ на германските вооружени сили

НАТО се подготвува за голем руски напад на своето источно крило, според таен документ на Бундесверот во кој Билд имале увид.

Во доверлив документ („Тајни информации – само за службена употреба“), германското Министерство за одбрана дава детали за можниот „пат до конфликт“ меѓу Русија и НАТО. Акциите на Русија и Западот се евидентираат месец по месец, кулминирајќи со распоредувањето на стотици илјади војници на НАТО и избувнувањето на војната во летото 2025 година.

Билд го опишува сценариото од документот, но од безбедносни причини не ги наведува сите информации за бројот и движењето на војниците на НАТО.

Сценариото на Бундесверот „Одбрана на Алијансата 2025“ започнува во февруари 2024 година. Русија започнува уште еден бран на мобилизација и регрутира дополнителни 200 илјади луѓе. Кремљ потоа почнува пролетна офанзива во Украина, украинската армија ќе биде потисната до јуни.

Првиот таен, а потоа се поотворен напад на Русија на Западот започнува во јули. Се очекуваат кибер напади и други форми на хибридна војна, главно во балтичките земји. Следува конфликт, кој Русија го користи како изговор за да започне големи вежби на нејзина територија и во Белорусија.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

Според сценариото, таа ситуација може да се влоши во октомври доколку Русија префрли војници и ракети со среден дострел во Калининград. Од декември 2024 година, вештачки предизвикани „гранични конфликти“ и „немири со бројни жртви“ се случуваат во областа на „Коридорот Сувалки“.

Во време кога САД нема да имаат лидер неколку недели по изборите, Русија со поддршка на Белорусија почнува операција на територијата на НАТО, се наведува во документот. Во мај 2025 година, НАТО презема мерки: „Ден Икс“ НАТО префрла 300.000 војници, вклучително и 30.000 војници на Бундесверот, на источното крило.

Сценариото завршува 30 дена по „Денот Икс“. Дали НАТО ќе ја запре Русија, ова прашање останува отворено во сценариото.

МИА

- Реклама -