Вчера утрото, „Бикот“ на улица „Македонија“ – кој е еден од првите споменици што никнаа во рамките на проектот „Скопје 2014“, беше најден со скршена опашка. Опашката била оставена до нозете на „Бикот“.
„Конечно говедата успеаја. Секојдневно се качуваа, го јаваа, корнеа, висеа и бикот попушти. Со свои очи сме виделе како тетки од по 40 години висат на роговите и се качуваат на главата, а тинејџери се нишаа на опашката. Каде се градските редари и полицијата во Центар? Се надеваме дека Град Скопје ќе интервенира и ќе го завари опашот и повнимава што се случува во центарот на градот“, стои во објавата на фејсбук страната „Skopje Скопска“.
Како што потврдува порталот 24info.mk, „Бикот“ и денеска е без опашка и нема информација од надлежните за тоа кога и дали ќе се санира штетата.
Што поскоро – тоа подобро, бидејќи во спротивно „скопјани“ ќе почнат да му пикаат ситно ѓубре на кутриот бик, таму кај што не треба… – веројатно точно прогнозира еден од коментарите.