Бидејќи министерот не доаѓа, Милошоски довлечка картонски Димитров во Собранието: „Слика има, тон нема“

„Слика има, тон нема“ – со ваква порака пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика – Антонио Милошоски, сподели фотографија од денешната втора неуспешна седница, на која наместо вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, по заслуга на Милошоски и пратениците од опозицијата, присуствуваше негова картонска макета.

„Собранието, во членките на ЕУ, но за жал не и во Македонија, секогаш било место за демократска расправа меѓу министрите и пратениците, за најважните национални прашања!“, напиша Милошоски во Фејсбук статусот во кој го сподели саркастичниот одговор (макетата) до Димитров за тоа што одбива да присуствува на седницата со една единствена точка на дневен ред: Утврдување на национален став за македонските ЕУ-интеграции, наспроти позициите на официјална Софија засновани на Објаснувачкиот Меморандум усвоен од страна на Република Бугарија, кои претставуваат закана за блокада на евро-интеграциите и нарушување на универзалното право на самоопределување.

Како и првата, така и оваа не се одржа поради отсуство на владините претставници и пратениците од власта. Пратениците од пратеничката група на СДСМ сѐ уште стојат на ставот што го презентираше нивниот координатор Јован Митрески, дека нема причина да учестуваат на седницата, со образложение дека тоа што „ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик“ е факт и дека нема потреба за тоа да се дискутира во Собранието.

Од друга страна, Милошоски уште пред седницата ги објави  заклучоците што ќе им бидат предложени на пратениците, а се однесуваат на македонско-бугарските односи во контекст на заканите за вето:

  1. Собранието ги осудува позициите содржани во Објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во контекст на проширувањето и македонските евроинтеграции, како спротивни на Повелбата на Обединетите нации од 1945 година, во која една од целите е развивање на „пријателски односи меѓу нациите засновани врз принцип на почитување на еднакви права и самоопределба на народите“, право кое неделливо му припаѓа и на македонскиот народ.
  2. Собранието упатува апел до сите земји членки на ЕУ, до Европската Комисија и до Европскиот парламент да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција.

„На Комисијата уредно се поканети и министерот Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Димитров, во чии работни обврски спаѓа и отчетноста пред пратениците како народни избраници, што е воспоставен европски стандард на контрола на законодавната врз извршната власт“, додаде Милошоски.

Османи, прашан за ова, изјави дека е отворен за разговор со опозицијата (во МНР, во Собранието, па и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ) за овие прашања од државен интерес, но дека не бил подготвен да биде дел од дневнополитичка драма и хистерија во завршницата на процесот на преговори со Бугарија. Според него, тоа не е избегнување на транспарентност, а расправата, каква што сака Милошоски, не би донела ништо конструктивно во клучните денови за процесот.

Милошоски, меѓутоа, инсистира дека за вака важни национални прашања власта мора да го информира Собранието:

„За жал не бевме удостоени ниту со образложение на самата покана, иако ја доставивме навремено. Обезбедени се сите здравствени протоколи, сѐ што треба, но очигледно нивното отсуство од Собранието е нивна политичка одлука и покажување на непочитување кон собранискиот дом како претставник на народот и граѓаните во Македонија“, рече тој, став кој го потврдија и од ВМРО-ДПМНЕ.

„За жал во Македонија министрите бегаат од Собранието и пратениците. Затоа и макетата на вицепремиерот Димитров е вистинската слика за владините министри во Собранието, слика има, тон нема“, порачаа од партијата.

„На два ума бев дали воопшто вреди да објаснувам, но вистината е над сѐ.

И покрај тоа што поканата од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието ја добив буквално од вчера за денес, мојот кабинет веднаш стапи во контакт и посочи дека би сакал да учествувам во дебатата во било кој формат, но дигитално, со оглед на Ковид19.

Ни одговорија дека немаат таква можност по Деловникот. Им укажавме дека може да биде и неформална седница или конференција. Па разбравме дека наводно немале технички можности (за таква работа замислете треба компјутер).

Во услови кога деновите ми се важни, и треба да бидам негативен за да си ја работам работата, немам намера да си го загрозувам моето и здравјето на другите. Толку околу ‘шокираноста’ што не сум се појавил“, образложи Димитров по првата неуспешна седница на Комисијата за надворешна политика минатата недела.


- Реклама -