Според истражувањето на Меѓународното здружение на нефролози, жените се подарежливи од мажите кога во прашање е донација на бубрег меѓу сопружници. Податоците покажуваат дека сопругите донираат 5 до 6 пати повеќе од сопрузите.
Дури 36% од вкупниот број компатибилни сопружници донираат бубрег за оној другиот, но од нив само 6.5% се машки сопружници, покажуваат податоците на Eurotransplant – организација која ја следи и координира трансплантацијата на органи во девет европски земји.
Статистикиве се резултат од истражувањето објавено во 2016-та во списанието „Visceral Medicine“. Меѓу другото, бројките покажуваат и дека речиси две третини од примателите на трансплантиран бубрег се мажи, додека две третини од донаторите се жени.
„Тешко е да се наведе конкретна причина за пообемниот одзив на жените кога се работи за донација на бубрег. Сметаме дека жените се помотивирани бидејќи кај нив алтруизмот е поизразен, како и желбата да му се помогне на член од потесното семејство да преживее“, вели некогашната претседателка на Меѓународното здружение на нефролози – Адира Левин.
За крај, важно е да се запомни: кога нема контраиндикации, донирањето на бубрег не претставува ризик за здравјето на поединецот.