БГНЕС: Главниот советник на македонската претседателка Сиљановска е бугарски државјанин повеќе од 20 години

„Отворениот противник на вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, Жидас Даскаловски, е државјанин на Бугарија повеќе од 20 години“, пишува бугарскиот портал БГНЕС.

Професорот Даскаловски, се нагласува, е советник за надворешна политика на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова. Според порталот, тој добил бугарско државјанство, и тоа врз основа на бугарско потекло, во 2003 година, а пасошот го обновил во 2022 година. Во текстот се потенцира дека бугарско државјанство се добива врз основа на потврда за бугарско потекло и дека секој кандидат мора да потпише изјава дека има бугарска национална самосвест.

Во однос на ставовите на Даскаловски, во текстот се истакнува дека тој во последната деценија употребил разни дефиниции за Бугарија, нарекувајќи ја од „голем брат“ па до „окупатор“.

Пред потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија (2017), посочува понатаму БГНЕС, Даскаловски зборувал за бугарски „нож во грбот на Македонија“, закани со вето, а денеска ја брани идејата на премиерот Христијан Мицкоски за таканаречените „уставни измени со одложено дејство“, повикувајќи на претпазливост врз основа на лекциите од Преспанскиот договор кој требаше да ги отвори вратите на ЕУ.

„За политичарите од Софија кои повторуваат дека имало говор на омраза и дека мора да престане, а за блудниците од СДСМ: признајте ги Македонците, јазикот и името – и овде и таму, па нема да има повеќе тензија. Почитта и братското однесување ќе донесат братски односи“, инсистираше тој во февруари 2023 година, го цитира БГНЕС.

Прочитајте и:  ДКСК: Пристигната е претставка против директорката на Агенцијата за разузнавање, препратена е на одлучување до претседателката Сиљановска Давкова

Порталот истакнува и дека Даскаловски ја критикувал политиката на Ковачевски кон Бугарија и Брисел, дека тврди дека бугарските блокади ќе продолжат, дека ја поддржува „тезата за бугарски окупатор“ во Македонија во Втората светска војна, како и дека е категоричен дека во Бугарија има институционализирана дискриминација кон оние кои се самоидентификуваат како Македонци.

„Голем број членови на поранешните и сегашните владејачки партии (во Македонија, н.з.), вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, се бугарски државјани и биле или извршуваат врвни позиции во Советот на министри. Вакви информации се шират за семејството на поранешниот премиер Димитар Ковачевски, како и за роднините на актуелниот премиер Христијан Мицкоски. Бугарско државјанство имаат и голем број познати македонски новинари.

Последниот откриен случај го насмеа Балканот. Министерката за енергетика Сања Божиновска беше прогласена за виновна за прикривање на бугарското државјанство и најави дека ќе ги праша своите адвокати дали се чувствува Бугарка. Сите членови на нејзиното семејство се носители на бугарски пасоши“, додава БГНЕС во текстот.

- Реклама -