,,Без патетики молам !
Најголем дел од оние кои кукаат, лелекаат, колнат, проколнуваат и плачат на тоа што никогаш не умрело, ниту пак ќе умре, можеби никогаш во животот не биле во позиција да одлучуваат за Македонија во вистинска смисла на зборот“-напиша пратеничката Фросина Ременски по изгласувањето на уставните измени.
-Суети, политиканство, квазипатриотизам, лажна скромност, кариеризам и што ли уште не, беше вткаено во ,,многуте обиди” да се затвори овој децениски спор кој однесе многу изгубени генерации.
Со проблемот растеа и се пензионираа генерации политичари. Од реториката за него ,,профитираа” многумина, се напишаа томови историја и се дадоа тони аргументи за таа наша, пуста македонска историска обесправеност.
Се одеше до Александар и отаде него, за да се покаже колку е голема оваа наша Македонија во која живееме денес.
Во ,,одбраната” на ова парче земја многумината успеаја да не скараат во таа пуста битка да се докаже дека тој што ја ора нивата е помалку заслужен за плодот, од оној што го собира плодот. Но, новото време не е време на патетики.
Тоа што денес покажавме дека, историјата со себе носи уникатни моменти на избор помеѓу патишта по кои ќе газат идните генерации е само уште еден историски доказ дека, најважните и најхрабрите одлуки и чекори за Македонија ги презеле малкумина кои знаеле дека тоа е единствениот пат за иднината и опстанокот на својот народ и својата земја. Така било од Илинденско до денес.
Успеавме да прекинеме една спирала на брутални минирања на највизионерските одлуки за Македонија од Илинден до денес.
Времето ќе докаже дека, тоа што денес (во овој микс на радост и патетика, славење и тага, пофалба и клетва, љубов и омраза) изгледа или се именува како предавство, пораз и умирање, ќе биде една од најисправните одлуки за победа и зачувување на тоа македонското кое толку многу се брани.
Доказот за исправноста на оваа одлука не ја барајте во овие генерации. Барајте ја во признанието од младите генерации кои за овој ден ќе зборуваат со поголема слобода за тоа кој бил на вистинската страна на историјата.
Затоа, уште еднаш …, без патетики.
Тој што вели дека ќе умре, ќе исчезне, ќе го снема, нема да постои, дека бил продаден, тој истиот се сомнева дека воопшто постоел, живеел и бил суштина.
Македонија чекори по патот на извесна и стабилна иднина !“- е ставот на Ременски.