Бета: Во нацрт-заклучоците на Европскиот совет засега нема ништо за разговорите Скопје-Софија

Во нацрт-заклучоците, што би требало да ги усвои Европскиот совет на Самитот закажан за 23 и 24 јуни, во кој имале увид агенцијата „Бета“ и „Еуроактив.рс“, се наведува дека предложената Европска политичка заедница нема да ги замени постоечките политики на ЕУ, вклучително и проширувањето, туку ќе ги надополни, а земјите во процесот на европска интеграција од Западен Балкан се повикани да продолжат со реформите и ги решат отворените прашања.

Во нацртот, како што јави дописникот на МИА од Белград, засега не се наведува ништо за разговорите меѓу Бугарија и земјава.

Според нацрт-документот, Европскиот совет одржал „стратешка дискусија“ за односите меѓу ЕУ и нејзините партнери во Европа и го разгледал предлогот за покренување на Европска политичка заедница.

„Заедницата ќе им понуди на европските земји надвор од ЕУ координативна политичка платформа што би се однесувала на Западниот Балкан, придружните земји од Источното партнерство и други европски земји со кои ЕУ има блиски односи“, се наведува во нацрт-документот.

Целта би била да се забрза политичкиот дијалог и соработката за прашања од заеднички интерес, за да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

„Таквата рамка нема да ги замени, туку ќе биде комплементарна на постојните политики и инструменти на ЕУ, особено на проширувањето и целосно ќе ја почитува автономијата на одлучување на ЕУ“, се вели во нацрт-заклучоците.

Европската политичка заедница беше предложена и застапувана од францускиот претседател Емануел Макрон, според кого, таа го надополнува процесот на пристапување во ЕУ и не е негова алтернатива.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Во заклучоците за Западен Балкан се наведува дека ЕУ ја изразува својата целосна посветеност на недвосмислената перспектива за членство на регионот во Унијата и повикува на забрзување на процесот на негова европска интеграција.

„Европскиот совет ги повикува Комисијата, високиот претставник и Советот и понатаму да работат на унапредување на прогресивната интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин и заснован на заслуги“, се вели во документот.

Истовремено, Европскиот совет ја нагласува важноста на реформите, особено во владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата, а се повикуваат партнерите од регионот да ги гарантираат и правата и еднаквоста на малцинствата.

„Бета“ посочува и дека засега, во нацрт-документот не се споменува ништо за разговорите меѓу Бугарија и Македонија.

„Патот на Северна Македонија кон ЕУ е блокиран поради билатералниот спор со Бугарија, кој ја погодува и Албанија, чиј што пристапен процес е поврзан со напредокот на Скопје“, наведува „Бета“.

Во нацрт-заклучоците се додава и дека Европскиот совет ја потврдува итноста за постигнување видлив напредок во решавањето на отворените билатерални и регионални спорови, вклучително и во дијалогот Белград-Приштина, со цел постигнување нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово.

Европскиот совет, исто така, го поздравува политичкиот договор на лидерите во БиХ, постигнат претходно овој месец во Брисел, како „потребен за стабилноста и функционирањето на земјата“.

- Реклама -