Порано за да трчате и џогирате ви требаа само нозе. Сега, со развојот на технологијата, многумина се чувствуваат како воопшто да не трчале/вежбале ако не носат таканаречени wearables (носиви гаџети) како: паметни часовници, уреди за броење калории, педометри (уреди што бројат чекори) и сл.
Просечниот корисник таквата технологија го советува, на пример, дека ако сака да има здрав живот, во денот треба да направи 10.000 чекори. А многумина, соочени со фактичката спреченост да најдат време за такво нешто – се обидуваат да ја исполнат квотата со сите можни средства. Читајте: со мамење. Некогаш тоа и реално е делумно корисно, ама некогаш е и само мамење, без никаков бенефит.
Така, на пример, една читателка на порталот Whimn признава дека за да ја исполни дневната квота на педометарот, низ ходниците по дома оди со поситни и побрзи чекори. Други признаваат дека пешачат околу бензинска или дуќан додека нивните пријатели купуваат или точат гориво. Една жена дури признава дека својот гаџет го ставила да се тркала во бубањ (простете на србизам) само за да има подобар резултат од пријателот. Има и такви кои кога самите не се во можност за движење/тренинг, во име на исполнување на квотата своите wearables им ги ставаат на своите деца.
Дискусија на Reddit на оваа тема го открива истото – дека повеќето се пофокусирани на бројките на екранот отколку на сопственото здравје и реалниот бенефит.
Дел од полегитимните начини на исполнување на квотите на тие што успеваат да направат по 10.000 чекори дневно, вклучуваат: долги прошетки со кучето, вежбање на степер додека гледаат телевизија, или едноставно пешачење до станицата од која потоа фаќаат автобус/метро за до работа.
Некои од жените, пак, откриваат алтернативен начин:
„Продавниците во локалниот трговски центар отвараат во 10 часот, ама трговскиот е отворен од 6.30. Малку ми беше срам кога првпат тоа го направив, но интересно е да одите и разгледувате излози, макар што не можете ништо да купите. Тоа е и одличен начин да сум активна ако е студено или врне. Ставам слушалки и одам“, вели една од корисничките на форумот.
Оние што не ја исполнуваат квотата, пак, се правдаат дека причината е што добар дел од времето поминуваат седејќи, работат од дома или едноставно посветуваат многу време на видео игри.