Беспилотното летало на Фејсбук што ќе „сее“ безжичен Интернет

Марк Цукерберг – сопственикот на Фејсбук, на неговиот личен Фејсбук профил, објави дека конструкцијата на нивното прво беспилотно летало е завршена.

Aquila, како што е наречено леталото, работи на соларен погон, а ќе има задача ласерски да испраќа интернет (информации) до земјата, додека е во лет. Распонот на крилата му е речиси колку и на Боинг 747 – 42 метри, но тежи колку еден просечен автомобил. Извонредно малата тежина му овозможува во воздух да помине дури и неколку месеци.

Овој проект е дел од иницијативата Internet.org, со која Фејсбук сака да ги здружи силите на најдобрите лидери во технологијата, непрофитните организации и локалните заедници, сé со цел поврзување на останатите две-третини од светот кои сеуште немаат пристап на глобалната мрежа.

„Ова е важен напор, бидејќи 10% од светската популација живее без постоечка инфраструктура. За да можеме по пристапна цена да ги поврземе сите луѓе на Интернет, мораме да изградиме потполно нова технологија“ – објасни Цукерберг.

aquila[1]

Покрај во проектирањето и изградбата на соларни беспилотни летала, Фејсбук е и пионер во полето на технологијата на ласерска комуникација. Во својот пост, Цукерберг напиша:

„Успешно го тестиравме новиот ласер кој може да пренесува податоци со брзина од 10GB/секунда. Тоа е десет пати побрзо од било кој претходен систем.“

Исто така, ласерот ќе овозможува пристап на мрежата со голема прецизност – може да погоди точка со големина на банкнота на оддалеченост од повеќе од 16 километри. Инаку, преносот на податоци преку ласер во суштина и не е нешто ново, но постигнувањето на овие брзини, и сето тоа додека леталото е во лет, е во најмала рака – импресивна.

laser-comms[1]

Aquila ќе лета на висина од околу 18 километри (многу повеќе од комерцијалните летови), а во еден наврат ќе останува во воздух дури и до три месеци. Земската станица ќе пренесува радио Интернет сигнал до главното летало, од кое комуникацијата ќе се пренасочува до другите летала, кои ќе овозможуваат Wi-Fi сигнал до земјата под нив.

Објавата на Цукерберг завршува со зборовите: „Во текот на наредните месеци, ќе ги тестираме овие системи во реални услови и ќе продолжиме со усовршување, за конечно да можеме своите ветувања да ги претвориме во реалност“.

- Реклама -