Бесмислениов лаптоп од ’90-тите чинел 20.000 долари

Чудовиштево што го гледате е Хјулит-Пакардов анализатор на протоколи и Internet Advisor од серијата J2300 (ако тоа нешто ви значи) од 1998-ма година. Пред 20 години беше сметан за компјутерски запрежен коњ, и се продаваше по цена и од 20.000 долари. Наменет беше за најбистрите технички професионалци и раните интернет каубои.

Денес не е ништо повеќе од комично претерана машина. YouTube корисникот Lazy Game Reviews сепак успеал да се докачи до еден таков, чисто заради забава, а во видеото во продолжение ни ги демонстрира неговите спецификации.

Кога се покренува системот, компјутерот звучи како млазен мотор, и како со своите речиси 10 кила тежина да ќе одлета од масата. Местото дефинитивно не му е во скут, иако технички е „лаптоп“ (за тие малкумина што не знаат, тоа „лап“ доаѓа од „lap“ – што значи скут).

Сепак, хајлајтот е маусот. Таман кога сте убедени дека лаптопот нема маус, наидувате на копче со соодветен симбол на тастатурата. Го притискате, и… ќе мора да видите со свои очи (некаде околу 3:57 во видеото).

Ако ви е ќеиф да имате ваков (практична причина веројатно не постои), можете да најдете на eBay, за околу 300 долари. Поевтин е од повеќето лаптопи моментално присутни на пазарот, а можете да го користите за потпирање врата, за потпирање нозе, како котва за чамецот, и безброј други намени.

- Реклама -