Бербок-Османи: Македонија е четврта во НАТО во воената поддршка за Украина; Одговорност за злосторствата мора да има

„Ние го поддржуваме Меѓународниот кривичен суд и налогот што го издаде за рускиот претседател Владимир Путин и покрај сите контроверзи кои постојат. Никој не може неказнет да помине доколку прави злосторства против човештвото, иако понекогаш тоа трае многу долго, години, децении“, изјави шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Бујар Османи.

Во одговор на новинарско прашање дали би го уапсиле Путин ако постои таква можност по издадената наредба за негово апсење од Меѓународниот суд во Хаг, што заменик претседавачот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев го оцени како објавување војна на Русија, Бербок истакна дека никој не смее да биде над Повелбата на ОН.

„Европскиот мировен поредок не се напаѓа само со бомби во Украина, туку и со тоа што Русија не е подготвена за мир. Таа не сака да ги стави на располагање средствата на ОБСЕ за луѓето кои што се залагаат за мир во Европа да можат да ја добијат својата плата. Тоа јасно кажува зошто за (германската) Сојузна влада е важно дека ја поддржува Украина, не само со воена помош, туку и преку сите институции за мир се обидува да даде придонес. И тоа е многу важно за ОБСЕ – освен за буџетското плаќање, помагаме и со дополнителни средства кои што се префрлаат, а тоа го прваат и другите држави. На тој начин ние ја браниме Повелбата на ОН, затоа и се случува тоа со Меѓународниот кривичен суд, кој беше создаден за сите злодела да не бидат неказнети, туку да биде јасно дека никој во светот не е над Повелбата на ОН, никој не е над хуманитарното право“, порача Бербок.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Османи, пак, нагласи дека земјава уште од првиот ден недвосмислено ја осуди неиспровоцираната и неправедна руска агресија врз Украина, пристапи веднаш во овозможување хуманитарна и воена помош, и е четврта земја во НАТО според воената поддршка што ја има дадено. Земјата, додаде тој, се приклучи на сите 10 пакети санкции на ЕУ кон Русија, има и 100 процентi хармонизираност со надворешната и безбедносна политика на Унијата и недвосмислено ги осуди злосторствата, особено врз цивилната инфраструктура и цивилно население, како и потребата за одговорност за тие кои што ги извршиле тие злосторства.

„Ги поддржавме сите резолуции и иницијативи по однос на иницирање формален процес за барање одговорност за тие злосторства и се разбира дека ќе се придружиме на сите тие иницијативи. Но, и во мојот капацитет како претседавач на ОБСЕ, имавме исто така недвосмислен став. Како Северна Македонија по трет пат го поддржавме иницирањето на т.н. Московски механизам за да се процени состојбата на злосторствата во Украина, а како претседавач го осудив и бев присутен во Советот за безбедност, каде во име на Организацијата побарав да се повикаат на одговорност сите сторители на злосторства во Украина“, рече Османи.

Извор: МИА

- Реклама -