Бербок: Берлин е за укинување на едногласноста во ЕУ, но додека тоа не се случи, Скопје мора да ги почитува компромисите

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Берлин, изјави таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите, пренесува Дојче веле.

– Вметнувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ“, порача Бербок по средбата со македонскиот колега Тимчо Муцунски во Берлин. Средбата доаѓа еден ден по самитот на Берлинскиот процес кој се одржа во главниот град на Германија, на кој лидерите на земјите од Западниот Балкан се согласија на неколку договори кои треба да ја подобрат соработката во делот на економијата и образованието.

На прес-конференцијата по средбата со Муцунски, Бербок зборуваше за уставните измени како клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, иако и самата потенцираше дека се залага за укинување на принципот на едногласност во ЕУ, особено во делот на проширувањето.

Таа се надева дека може да се случи пробив на тој план по парламентарните избори во Бугарија на крајот на месецов.

– Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа постои шанса која треба заеднички да се искористи, рече Бербок.

Прочитајте и:  Борел за напредокот на Србија: Не може да оддржувате врски со Русија и да очекувате членство во ЕУ

Во тој контекст, германската министерка рече дека е најважно лидерството.

– Честопати во политиката се потценува колку е важно лидерството. Важните чекори, меѓу нив и интегративните процеси, секогаш успевале кога политички одговорните имале храброст и покрај негативната општествена атмосфера да го сторат најдоброто за нивната земја. Ние, како Германија, сакаме да помогнеме тоа да се случи и во прашањето на Северна Македонија и Бугарија, рече Бербок.

Според неа, во случајот на Северна Македонија не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ.

– Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат, истакна Бербок, дополнувајќи уште еднаш дека без да се направи последниот чекор, патот кон ЕУ нема да може да продолжи.

- Реклама -