Синоќешните протести во Белград поради најавениот полициски час завршија со неколкучасовни судири меѓу демонстрантите и полицијата. Како што пренесуваат српските медиуми, полицијата успеала да ги растера демонстрантите дури околу 2 часот по полноќ, но притоа се регистрирани долга низа спорни моменти на полициска бруталност.
Телевизијата N1, на пример, објави видео од три момчиња кои мирно седат на клупа, кога одеднаш доаѓаат полицајци во полна опрема и без никакво предупредување ги претепуваат со пендреци.
kakav jeziv i nicim izazvan napad na goloruku policiju
— Pelikán Elvtárs 8 (@kazi_tibi) July 7, 2020
По претепувањето, наводно, претепаните момчиња се вратиле на истата клупа, а на социјалните мрежи ги слават како херои.
Српските независни медиуми и социјалните мрежи пријавуваат и други слични примери.
Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (CRTA) побара неотповиклива оставка од директорот на полицијата Владимир Ребиќ поради не/постапувањето на полициските сили во текот на протестите. Како што објаснуваат, директорот мора да сноси одговорност поради фактот дека неадекватната обезбеденост на Домот на Народното Собрание овозможила упад на демонстрантите, но и поради прекумерната употреба на сила против граѓаните, како и неспречување на насилството на хулигани и навивачи над граѓаните. Многубројни примери на полициска бруталност кон граѓаните и непречено дивеење на поединци во цивили се документирани на камерите, потсетува CRTA.
Белградскиот Центар за човекови права, пак, на Твитер објави дека поднел кривични пријави за полициското насилство врз граѓаните. Од Центарот ги повикаа граѓаните кои претрпеле изживување од страна на полицијата да се јават и да испратат снимки и фотографии од повредите, истовремено нудејќи им правна помош.