Бела куќа: Длабоко сме загрижени поради израелскиот напад врз училиште во Газа

Израелските власти соопштија дека цел на нападот биле борците на Хамас, а Белата куќа побарала повеќе детали од Тел Авив за нападот

Белата куќа денеска соопшти дека е длабоко загрижена поради израелскиот воздушен напад врз училиште во градот Газа во кој загинаа околу 100 луѓе.

Во соопштението, Белата куќа изрази загриженост поради бројот на палестински цивили кои умираат во Појасот Газа и додаде дека американските власти се во контакт со нивните израелски колеги.

Израелските власти соопштија дека цел на нападот биле борците на Хамас, а Белата куќа побарала повеќе детали од Тел Авив за нападот. 

Претходно шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека е згрозен од израелскиот напад врз училиштето.

„Најмалку 10 училишта беа цел на напад минатата недела. Нема оправдување за овие масакри. Згрозени сме од ужасниот вкупен број жртви“,

напиша Борел на социјалната мрежа Икс додавајќи дека повеќе од 40 000 Палестинци биле убиени од почетокот на војната во октомври.

Повеќе од сто Палестинци загинаа, а десетици се ранети во израелски напад врз училиште во Појасот Газа, изјавија палестинските власти во областа. Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека училиштето „Ал-Табин“ било погодено од три израелски ракети при што некои тела се запалиле.

Според неофицијални информации, во моментот на нападот во училиштето имало 250 цивили. Спасувачките тимови не биле во можност да им помогнат на заробените од огнот оти претходно израелската војска го прекинала пристапот до вода во областа. Поголем број од загинатите биле убиени во салата за молитва во училиштето, а загинати има и во блиските училници кои биле погодени од шрапнели од бомбите.

Израелската армија, пак, информира дека нападнале командно-контролен центар кој служел како засолниште за терористите и командантите на Хамас.

Над сто Палестинци загинаа во израелски напад врз училиште во Газа

- Реклама -