Бектеши: За вчерашните изолирани инциденти најодговорна е Владата и забраните за прослава на одредени плоштади

Крешник Бектеши од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на денешната прес-конференција истакна дека ги осудува индивидуалните акти што вчера ги направија одредени граѓани со палењето на македонското знаме на чествувањето на Денот на албанското знаме.

-Во делот на индивидуалните акти секако дека се за осуда за сите страни кои се вклучени, а треба и да бидеме искрени јавно да ги кажуваме одредени работи во овој дел. Индивидуалните акти ги осудуваме и сакаме да дадеме позитивни пораки за зацврстување на меѓуетничките односи и заемно почитување на сите етнички припадници во нашата држава. Ние вакви настани во последните седум-десет години речиси немавме во нашата држава, а за жал во последните неколку месеци се почесто се случуваат вакви настани, а тоа јас како Крешник Бектеши можам да го кажам дека се однесува на пораките што ги даваат одредени политичари, рече тој.

Според него најодговорна за ваквите случувања е Владата. Тој нагласи дека пред да се случат овие настани имало забрана од Министерството за внатрешни работи граѓаните да чествуваат на одредени плоштади во државата, што, како што рече не е случај ниту во европските држави, ниту во САД. Додаде дека имало реакција од негова страна преку социјалните мрежи и од страна на организацискиот секретар Блерим Беџети.

-Но, колку од нашите реакции можеа да бидат пренесени кон граѓаните вчера, тоа не е наша работа затоа што вчера ги имавме само тие механизми. А, воедно тоа што е напишано во соопштението на ДУИ стои  и тоа беше објавено во националните медиуми дека на граѓаните кои славеа за Денот на албанското знаме им беше забрането да слават во плоштадот во Скопје и во Куманово, што е спротивно на се што може една држава да направи за своите граѓани. Замислете, Албанците, Македонците, Ромите, Власите и сите други граѓани во нашата држава и надвор од државата можат да слават во плоштад во Брисел, Берлин за нивните слави, а не можат да чествуваат во својата држава. Во делот на индивидуалните акти што ги прават одредени граѓани, ние кажавме и во соопштението дека ги осудувам, рече Бекштети.

Тој нагласи дека взаемно треба да се осудуваат ваквите настани, а не, како што рече, само на одредена етничка заедница.

-Но взаемно треба да ги осудуваме, и актите што ги прави одредена заедница и другата етничка заедница. Заради тоа што имаше акти не само од албанската етничка заедница и веќе се објавени сите видеа по социјалните мрежи. Меѓуетничките односи се од круцијално значење во нашата држава и ДУИ во континуитет повторува и ги повикува сите чинители, посебно политичките чинители да даваат позитивни пораки во делот меѓуетничките односи во нашата држава. Замислете, зборуваме во континуитет за настани кои ни се повторуваат во последните неколку месеци. Го имавме настанот во стадионот во Струмица и  во Скопје каде што се вика „Гасна комора за шиптарите“. Вчерашните настани кои се за осуда. А зошто зачестуваат вакви настани кога во последните 7-10 години не сме имале такви настани. Сме имале стабилни меѓуетнички односи во нашата држава, рече тој.

Прочитајте и:  Јаневска за детските приредби со УЧК тематика: Инспекција ќе има во сите училишта за кои имаме докази за такви немили настани

Бектеши истакна дека политичарите и сите чинители во нашата држава треба да даваат позитивни пораки во делот на меѓуетничките односи.

-Мислам дека сите чинители во нашето општество, а посебно институциите, Владата треба да даваат позитивни пораки и граѓаните да се чувствуваат слободни, рамноправни во меѓуетничко општество и меѓуетничка држава како што е Република Македонија. Прво и основно треба да се зачувува јавниот ред и мир во нашата држава. А, воедно е демократско право и загарантирано во Устави со закон за сите наши граѓани да можат да чествуваат одредени празници. Не сме во 80-тите или 90-тите години кога им се забранува на луѓето да чествуваат одредени празници. А тоа што се случи вчера беше забрана на одредена етничка заедница да чествува во плоштад на главен град на Република Македонија и во еден од најголемите градови како што е Куманово, што е целосно потфрлување на МВР, рече Бектеши.

Смета дека тоа воедно дава негативна порака до другите етнички заедници со што се поларизира општеството. Смета дека граѓаните треба слободно да ги чествуваат сите празници кои за нив се важни, вклучувајќи ги и Албанците, Македонците и другите етнички заедници.

-Имав прилика вчера да видам одредени видеа каде што МВР имаше поставено забрана пред Владата само со цел одредени граѓани да не одат да чествуваат во центарот на Скопје. И во Куманово каде имаше кордони полицајци. Им било забрането да се придвижат кон центарот на Скопје. Ако за вакви важни денови за одредена етничка заедница треба да се букира или резервира плоштадот, тогаш не знам за што ни се потребни плоштадите во нашата држава. Не е ниту протест, ниту организација на политичка партија, за да треба да се букира плоштадот. Плоштадот е на сите граѓани на Република Македонија и вакви празници можат секојдневно да се чествуваат, со почитување на сите закони и Уставот на нашата држава, а одговорност на безбедносните служби е да го обезбедат јавниот ред и мир, рече тој.

Потенцира дека институциите се најодговорни за да обезбедат сигурно чествување на празниците во нашата држава.

Ги повика сите сограѓани во земјава, како што рече, да не паѓаат на такви провокации и да не веруваат во такви наратив, а до политичарите упати порака да не се обидуваат да собираат дневни политички поени врз плеќите на одредена етничка заедница.

- Реклама -