Бектеши: Не е фер кон потрошувачите за 24 часа да има зголемување на цените од 80 проценти

„Мерките секогаш ги носиме во консултација со Стопанските комори. Не е фер кон потрошувачите во текот на 24 часа да има зголемување на цените од 80 проценти кога нема зголемување на оперативните трошоци, ниту пак на суровините“, изјави на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

„Цените на суровините државата ги следи при влезни фактури од страна на Царинската управа. Ние не сме забележале дека од 31 мај до 1 јуни толку се зголемени влезните фактури. Јас мислам дека доволно или повеќе од доволно е пет отсто да се има маржа за основни прехранбени производи во време на криза“, истакна Бектеши.

Во делот на помошта што државата ја дава кон фирмите во време на криза, министерот за економија истакна дека има одреден буџет од над 50 милиони евра што е директно наменет кон производителите кои можат да го користат согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

„Во однос на зголемување на конкурентноста и на иновативноста, претприемништвото редовно има јавни повици кон микро и малите компании од страна на Министерството за економија. Ниедна од овие мерки оваа година не е скратена ни со првичниот Буџет, ниту сега со ребалансот. Сите тие мерки може да се користат од страна на стопанството и ја зголемат нивната конкурентност, а секако и да ги намалат и трошоците“, појасни министерот.

Тој додаде дека над 60 илјади правни субјекти во државата, посебно микро и мали компании се снабдуваат со електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач, што значи дека овие субјекти се снабдуваат со цена која е утврдена и која е субвенционирана од страна на државата.

„Но, се соочуваме со најголемата економска криза, треба да се солидизираме сите. Државата ќе се откажува од одредени приходи, компаниите ќе ги намалат нивните профити за да не биде тоа на товар на граѓаните и на потрошувачите. И на крај, државата кога се откажува од буџетот, не се откажуваме ние од сопствениот буџет домашен, тие пари се токму на тие граѓани, на тие компании кои го полнат тој буџет. Значи за да се намалуваат цените, за да се стави контрола врз цените, треба сите да се солидизираме“, порача министерот Бектеши.

До донесување на ребалансот на Буџетот во Собранието, министерот информираше дека економски тим од Владата веќе работи на дизајнирање на мерките, а дополнително до усвојување на Буџетот ќе бидат одржани состаноци со Стопанските комори. Најважно од се, Бектеши вели дека се средствата предвидени со ребалансот, ќе користат за ублажување на кризата, особено за граѓаните кои имаат најмногу потреба.

МИА

- Реклама -