Дејвид Бекам се враќа дома. По истекот на договорот со ЛА Галакси, многу веројатно е дека ќе се врати во Премиер лигата, во дресот на Квинс Парк Ренџерс.
Новиот менаџер на овој тим, Хари Реднап, кој го презеде по отказот што го заработи Марк Хјуз, вели дека ќе разговара со раководството на клубот и ќе инсистира популарниот Бекс да пристигне како засилување.
„Сигурен сум дека Бекам сѐ уште би можел да игра во Премиер лигата. Тој е играч од врвна класа, самиот се уверив во тоа кога тренираше со нас, во Тотенхем. Неговиот професионализам е неверојатен. Ќе зборувам со претседателот на клубот и ќе се обидам да убедам да го доведеме во КПР. Тој би бил суперзасилување“, изјави Хари Реднап.
Квинс Парк Ренџерс е закован на последното место на табелата во Премиер – лигата, со само четири освоени бода на 13 првенствени натпревари оваа сезона.