Бегалецот Исмет Гури сам се предаде во ПС „Пролет“ – спроведен е во Шутка

Гури, кој беше заменик-директор во УЈП, се бараше со меѓународна потерница поради вмешаност во случај со даночни измами во кој беа осомничени вкупно 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од Управата. Тој заедно со Ејуп Алими, во јули лани добија неправосилни затворски казни од по три години и шест месеци од Основниот кривичен суд Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал

Поранешниот заменик-директор на Управата за јавни приходи (УЈП), Исмет Гури (60), по кого се трагаше со меѓународна потерница, денеска попладне сам се предал во полициската станица во Скопје, потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР). 

Исмет Гури / Фотоархива: ТВ Алсат

Како што информираат од Министерството, Гури се пријавил во полициската станица „Пролет“, по што бил уапсен и спроведен во затвор.   

„Денеска (29.08.2024 г.) во 13.40 часот во Скопје самиот се пријави Исмет Гури (60), кој беше баран со меѓународна потерница по наредба на Основен кривичен суд Скопје. Потоа Гури е лишен од слобода во ПСОН Кисела Вода и спроведен во Затвор „Скопје“,

велат од Министерството за внатрешни работи.  

Поранешниот заменик-директор на УЈП беше вмешан во случај со даночни измами во кој беа осомничени вкупно 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од Управата, а кои се товарат за повеќе кривични дела како злосторничко здружување, даночна измама и перење пари. 

По него беше распишана меѓународна потерница на почетокот на јануари годинава, откако полицијата не го најде на адресата на која издржуваше куќен притвор.  

Претходно судот го ослободи Гури од затворски притвор и времено му ја замени мерката со домашен притвор поради примање на редовна терапија за здравствените проблеми што и имал.  Претходно судот го ослободи Гури од издржување на затворската казна и времено му ја замени со домашен притвор поради примање редовна терапија за здравствените проблеми што ги имал. 

Меѓународната потерница што беше распишана по Гури / Фото: Принтскрин од веб-страницата на МВР (Архива)

Инаку, Исмет Гури заедно со Ејуп Алими, на 14 јули минатата година добија неправосилни затворски казни од по три години и шест месеци од Основниот кривичен суд Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал. 

Повтореното судење следуваше по првата првостепена пресуда, но Апелацискиот суд Скопје ја укина оваа одлука и го врати случајот на почеток. 

Алими и Гури за „Титаник 3“ добија обвинение во јуни 2017 година за делото уништување изборен материјал. Тие се товареа дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир. 

Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити се придружи на Демократско движење. 

- Реклама -