Феликс Баумгартнер ќе скокне од вселената (видео)

Во тек се последните подготовки од проектот Ред Бул Стратос, на екстремниот падобранец Феликс Баумгартнер, со кој тој планира да стане првиот човек што скокнал од стратосферата.

Во текот на тренинзите, Феликс Баумгартнер соработува со човекот што го има поставено постојниот рекорд за највисок скок, полковник Џо Китингер. Тој, во 1960 година, додека бил во активна служба во авијацијата на САД, извел скок со падобран од височина од фрапантни 31 километар.

Новата граница кон која се стреми овој екстремен спортист, којшто има скокнато од повеќе необични локации на планетава, вклучително статуата на Исус во Рио и пештера во Хрватска, се неверојатни 37 километри над површината на Земјата или во стратосферата.

{youtube}BGTvxye1PT4{/youtube}

Пред самиот скок, Баумгартнер ќе мора да дише чист кислород еден час, за да ги елиминира меурчињата азот од својата крв. Потоа ќе остане на највисоката точка точно 3 часа, за неговото тело да има време да се приспособи на височината. Скокот ќе го изведе во специјален костим под притисок, којшто ќе спречи зовривање на крвта на неверојатната височина.

Доколку сè помине според планираното, Феликс Баумгартнер ќе стане нов светски рекордер според височината на изведен скок со падобран, но ќе стане и првиот човек што го пробил звучниот ѕид во слободен пад.

- Реклама -