Барселона на колена пред моќниот Баерн Минхен

Баерн Минхен со неверојатни 4-0 ја победи Барселона на Алијанц Арената во првиот полуфинален натпревар од Лигата на Шампионите.

Ниту најголемите оптимисти во Баерн Минхен не го очекуваа она што вчера се случуваше на Алијанц Арената, Баварците со убедливи 4-0 ја победија големата Барселона.

Тимот на Јуп Хејнкес изгледаше моќно како што е во текот на целата сезона, Барселона анемична, без идеја, без реална шанса за гол.

Во главните улоги беа и судиите кои веќе стандардно за натпреварите од Лигата на Шампионите направија премногу грешки и на двете страни.

Резултатот беше отворен во 25. минута кога по асистенција на Данте, Милер постигна гол за водство на Баерн Минхен од 1-0.

По четири минути игра во второто полувреме, Гомез го зголемува резултатот на 2-0, се чини дека погодокот беше постигнат од офсајд.

Прочитајте и:  Градоначалникот на Барселона планира укинување на директното изнајмување станови на туристи

Во 73. минута нов погодок на Баерн Минхен, овој пат стрелец Робен, при акцијата Милер направи недозволен блок, нов превид на Касаи.

На десет минути пред крајот, Милер ги постави конечните 4-0, резултат со кој Баерн веќе се гледа во финалето на Вембли.

Покрај грешките при постигнувањето на погодоците, судиите имаа можност барем еднаш да покажат на белата точка за Баерн Минхен поради играње со рака на фудбалерите на Барса.

Во финишот Алба направи неспортски потег удирајќи го намерно Робен со топка во глава, но му беше покажан само жолт картон.

Како и да е, според прикажаното на теренот, Баерн Минхен сосема заслужено се радува на убедлива победа над Барселона која најверојатно ќе му донесе ново финале во Лигата на Шампионите.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -