„Каталонците“ го комплетираа трансферот на Нејмар, Бразилецот попладнево на Камп Ноу беше преставен како прво засилување за сезоната 2013/2014.
Откако минатата недела Сантос и Барселона ги договорија деталите од зделката, Нејмар попладнево пристигна во Каталонија за да го комплетира трансферот.
Бразилецот најпрво ги помина редовните лекарски прегледи а потоа стави потпис на петгодишен договор во кој ќе има откупна клаузула вредна 190 милиони евра.
Откако беа комплетирани формалностите, Нејмар беше презентиран пред фановите, над 56 000 обожаватели дојдоа на Камп Ноу да ја поздрават младата ѕвезда.
Фудбалерот потоа се појави и пред новинарите, истака дека е среќен што пристигнал во Барселона, и најави дека ќе му помогне на Лео Меси да го задржи епитетот најдобар фудбалер во светот.
„Среќен сум што ми се оствари сонот” – рече Нејмар. „Ова е одличен ден за мене и моето семејство”.
„Никогаш не сум се грижел за тоа да бидам најдобар фудбалер во светот. Меси е најдобриот фудбалер во светот и ќе му помогнам да освои уште многу ’Златни Топки’”.
„Ќе се обидам да го играм својот фудбал, се надевам дека брзо ќе се прилагодам. Убден сум дека се ќе биде добро и ќе донесам многу радост за фановите”.
„Отсекогаш му се восхитував на овој клуб и сакав да играм тука уште како дете”.
’Каталонците’ соопштија дека за услугите на Нејмар платиле 57 милиони евра.
Запрашан дали мисли дека вреди 50 милиони евра, фудбалерот со насмевка на лицето кратко одговори: „НЕ”.
Интерес за услугите на Нејмар пројави и Реал Мадрид, понудата на ’Кралевите’ беше финансиски подобра.
„Реал Мадрид и Барселона се два одлични клуба, и поласкан сум што двата клуба пројавија интерес, но моето срце беше со Барса”.
„Парите не влијаеа на мојата одлука”.
„Одлучив со срцето, тоа ми велеше да играм со Чави, Меси и Иниеста”.
[youtube]http://youtu.be/sMzzW1vtg78[/youtube]
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал