Скопје, 26 јануари 2022 (МИА) – Пред усвојување на дневниот ред на денешната 61-та седница на Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара дополнување на дневниот ред со предлог-закон за изменување на законот за Владата на Република Македонија по скратена постапка.
„Врз основа на член 71, став 1 од Уставот на Република Македонија и членовите 132, 137 и 170 од Деловникот, барам оваа точка да биде дополнета од една и единствена причина. Со предлогот за изменување на законот за Владата на Република Македонија се тргаат одредбите кои се однесуваат на начинот на функционирање на владата или т.н. Пржинска влада, односно 100 дена од формирањето на Владата, поставување на нејзините министри и заменици министри, како и начинот на нејзино функционирање“, рече Мицевски.
Појасни дека како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го поднесуваат овој предлог-закон во скратена постапка од една и единствена причина – да се скратат, односно да се вратат роковите за организација на избори, рокот да остане како што беше. Додаде дека се работи за мали измени, односно бришење на одредени одредби од законот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери образложи дека предлог-законот е доставен во Собрание, не е дистрибуиран до пратениците, во моментов е во превод и додаде дека многу брзо ќе се преведе од службите. Потсети на законските рокови и процедури и рече дека сега нема предуслови да се стави на гласање. Според него, и ДИК треба да се изјасни за рокот за спроведување на изборите.
Мицевски, во процедурална забелешка, рече дека не е оправдување дека законот не е преведен и додаде дека се работи за бришење на 9 одредби и тоа може да се направи за пет минути доколку се сака.
Петар Ристевски од ВМРО-ДПМНЕ побара како точка на дневниот ред да се најде и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, по скратена постапка.
„Со постоечкиот закон кој е изменет во 2019-та година од страна на Владата на СДСM и ДУИ, во овие неколку години генерира големи проблеми во откупот на тутунот. Пред се, забрана на увозот на тутун од страна на откупувачите, склучување на договори со сите коминтетнти и оние кои во изминатите години поднесле жалби за да нема реваншизам кон тутунопроизводителите и да се зголеми контролата врз откупувачите од страна на државата, бидејќи се врши очигледен грабеж на тутунопроизводителите во изминатите неколку години“, рече Ристевски.
Џафери соопшти дека до него не е стигнат законот и оти непосредно пред почетокот на седницата е доставен. Појасни дека пораи тоа процедурално не може да се стави на гласање. – Но, но е спорно тоа да биде на наредна седница, рече Џафери.
Димитар Апасиев од Левица исто така предложи да се дополни дневниот ред со Предлог-закон за изменување на законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата. Објасни дека се работи за укинување на апанажата или за бришење на цела глава 4 од овој закон. Тој појасни дека поради итноста на ситуацијата законот е предложен во скратена постапка. Според него, се работи за дискриминација по класна основа и предлагаат целосно да се укине правото на апанажа.
Џафери соопшти дека во текот на вчерашниот ден го добил предлог-законот, кој е доставен на превод, а потоа ќе се додели на пратениците и ќе почне процедурата.
Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ побара од дневниот ред да се повлече чевртата точка или Предлог за именување член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Посочи дека покрај потписот на поранешниот премиер Зоран Заев и дека предложениот кандидат не ги исполнува условите.
Неговиот предлог не беше усвоен, „за“ гласаа 33 пратеници, а против беа 55 пратеници. Со тоа предлог-законот останува на дневен ред.