Бактериите се „умни“, затоа опстануваат

bacteria2Неколку најнови истражувања откриваат дека бактериите имаат колективен ум кој ја контролира нивната бројност, дека имаат способност да предвидат некои идни случувања, а “научиле” и како да опстанат под Земја, на 2,8 километри длабочина и температура од +60C.

bacteria2Неколку најнови истражувања откриваат дека бактериите имаат колективен ум кој ја контролира нивната бројност, дека имаат способност да предвидат некои идни случувања, а “научиле” и како да опстанат под Земја, на 2,8 километри длабочина и температура од +60C.

Бактериите и бактериските инфекции се сметаат за најмасовни убијци во историјата, па и денес, а во потрага по нови средства против нив, истражувачите од Универзитетот од Тел Авив и Тексас открија дека бактериите имаат колективен ум кој ја контролира нивната бројност. Раководителот на тимот научници, професор Ешел Бен-Јакоб (Eel Ben-Jakob) открил дека бактериите можат меѓу себе да “разговараат” и да донесуваат колективни одлуки. Научниците во еден сад одгледувале две колонии микроби Peanibacillus dendritiformis, а потоа им ја намалиле “храната”. Наместо да се обединат во заедничко семејство, како што тоа е вообичаено, бактериите почнале да ги уништуваат своите “сестри” кои се нашле во пограничната зона. Кога научниците ги одвоиле колониите со непропустлива мембрана, уништувањето на пограничните бактерии се прекинало. Врз основа на оваа појава истражувачите заклучиле дека бактериите имаат примитивен колективен ум, кој им овозможува преживување во услови на стрес и опасност.

Исто така, бактериите можат да предвидат и некои идни случувања, како и да се подготват за да се справат со нив, покажуваат најновите истражувања на институтот Вајцман (Weizmann). Тимот предводен од професор Јусак Пилпелом (Yitzhakom Pilpelom) ги истражувал микроорганизмите кои биле сместени во предвидливи околности. Нивните наоди покажуваат дека генетската структура на микроорганизмите се променила на тој начин што тие можат да ги предвидат, или, подобро речено, да ги претпостават случувањата што следуваат! Бактериите научиле дека лактозата (вид на шеќер), секогаш е следена од страна на друг вид шеќер, малтоза. Научниците утврдиле дека бактеријата E. Coli во својот генетски код освен генот за препознавање лактоза, има и ген за препознавање малтоза. При истражувањето научниците најпрво им ставиле на бактериите малтоза. Тие не реагирале, а потоа им ставиле лактоза и тие пак не реагирале. Не рагирале затоа што процесот бил обратен. Ова покажува дека бактериите природно навикнале или “меморирале” дека малтозата доаѓа по лактозата. Од ова јасно се гледа дека бактериите имаат особина да можат да претчувствуваат, што претставува во суштина еволуциско приспособување во борбата за опстанок. За волја на вистината, за овој феномен научниците имале сознанија, а феноменот е познат како адаптивна антиципација.

Прочитајте и:  Научна студија: Отпорноста на антибиотици може да убие повеќе од 39 милиони луѓе до 2050 година

bacteria3Еве уште еден пример на “умни” бактерии. Светската научна јавност деновиве забрзано се обидува да најде одговори на сензационалната енигма – дали ДНК на една бактерија што неодамна е пронајдена во напуштениот рудник за злато во Мпоненг, Јужна Африка, може да претставува клуч за постоењето на живот на други планети. Бактеријата, која астробиолозите ја нарекле “бестрашен патник” и чие откривање ги воодушевило научниците и ги ставило пред тешка задача да објаснат како опстанала толку долго во целосна изолација, на длабочина од 2,8 километри и на температура од плус 60 Целзиусови степени, а сето тоа без присуство на светлина и кислород. Заедницата на новооткриената бактерија, наречена Candidatus desulforudis audaxviato, може да живее без какви било други облици на живот. Ова е сензационална претпоставка дека токму таа способност би можела да биде клуч за евентуалното постоење на живот на другите планети.

Астробиологот Дилан Чивиан од Националната лабораторија во Беркли, Калифорнија, ги проучувал гените во примероците на течност во која имало колонија на овие бактерии, надевајќи се дека ќе открие барем уште некој жив организам во неа, но 99 % од пронајдената ДНК припаѓале само на еден вид бактерија, која сè до неодамна не му била позната на научниот свет. Сите направени анализи покажале дека бактеријата добивала енергија од радиоактивниот отпад на ураниумот во околните карпи. Таа поседувала гени што можат да го издвојат јаглеродниот диоксид, но и гени што го врзуваат азотот кој доаѓа од околните карпи. Всушност, овие два елемента се основата на животот што го познава човекот, бидејќи учествуваат во создавањето на протеините и аминокиселините, а оваа бактеријата располага токму со гени за производство на сите аминокиселини што се потребни за да опстане. Бактеријата, исто така, има својство да може да се заштити, создавајќи таканаречени “ендоспори” со кои се штити од исушување, од дејство на отровни хемикалии, но и од изгладнување. Од сето ова доаѓаме до заклучок дека и оваа бактерија опстанала затоа што е “умна”.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -