Бајрами: Ниту една политичка владејачка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт

Овие избори се референдум за европската иднина на земјата. Поддршката што ја имаме од нашите европски партнери е поголема од кога било и ова е момент и можност што мора да го искористиме, порачаа од Европскиот фронт.

-Не се осмелуваме да застанеме, а уште помалку да се вратиме назад. Знаеме како да ја подготвиме нашата земја за ЕУ велејќи „не“ на Русија и „не“ на политичките сили кои го претставуваат менталитетот на регресија и изолација на нашата земја, рече на денешната прес-конференција техничкиот министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами. 

На новинарско прашање во однос на легитимноста и легитимитетот на коалициите по изборите и најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека за нив посакуван коалициски партнер е коалицијата на албанската опозиција „Вреди“, Бајрами изјави дека не може некој да го оспори легитимитетот на одредена политичка структура како што е Европскиот фронт.

-Значи, не може некој да го одбие легитимитетот на другата страна, а притоа да бара легитимитет од нивниот народ кој тие го претставуваат, затоа што ние сме консоцијална  демократија која се појавува како консензус демократија и ние ќе продолжиме така да функционираме. Друго никако поинаку. Секоја таква политичка авантура ќе биде ризична за европската иднина на оваа држава и за сите политички околности што ќе се случуваат после 8 мај. Бидете сигурни дека никоја политичка гарнитура – владејачка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт, затоа што пратениците на Европскиот фронт се вистинските претставници на албанскиот народ, на турскиот народ, на бошњачкиот народ, на ромскиот народ и на сите народности кои се претставени во оваа платформа, во оваа изборна програма Европа 2023-2030 година. Бидете сигурни дека политичките авантури неславно ќе завршат, а народот на крај ќе победи, вели Бајрами.

Прочитајте и:  Таравари: И да има избори Ахмети пак ќе бара нови, подобро да се фокусира на реформи и адаптација во опозиција

Според него, никој не може да го негира целиот политички капитал создаден со години.

-Не може тоа ни Христијан Мицкоски ни кој било друг. Од друга страна, не сакаме ни ние тоа да го направиме на другата страна реално. Тоа е консоцијалната демократија, претставени сите сегменти на општеството во политичката власт, во системот. Значи, нешто е сигурно – фактичката состојба секогаш ја детерминирала правната состојба. Никогаш не било поинаку. Во одредени моменти било, меѓутоа завршило неславно и завршило многу лошо, вели Бајрами.

- Реклама -