Бајден: САД нема да водат Трета светска војна во Украина, но Русија „скапо ќе плати“ доколку употреби хемиско оружје

САД нема да испратат копнени трупи во Украина, повторно истакна американскиот претседател Џо Бајден, пренесува CNN.

„Нема да водиме Трета светска војна во Украина“, рече Бајден потенцирајќи дека САД ги поддржуваат сојузниците во НАТО и дека ќе ја бранат секоја педа од територијата на Алијансата.

„Директен конфликт меѓу НАТО и Русија би бил Трета светска војна и тоа е нешто што мораме да го избегнеме по секоја цена“, порача Бајден.

Како што соопшти тој, САД веќе ѝ испратиле на Украина противтенковско оружје и против-воздушни одбранбени системи за неутрализација на авиони и хеликоптери.

„Сакам да бидам јасен, ќе се погрижиме Украина да има оружје за одбрана од нападите на руските сили. Ќе им испратиме пари и храна за да ги спасиме животите на Украинците. Бегалците од Украина ќе ги примиме со раширени раце доколку тие дојдат овде“, подвлече американскиот претседал.

Како што рече, тој разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски речиси секој ден.

Бајден, меѓу другото, ја потенцираше важноста на тоа САД и сојузниците, со сите потези кои се на располагање, да се спротивстават на Кремљ.

Прочитајте и:  ФТ: Западот останува зависен од Кина поради ниските цени на литиумот и високите оперативни трошоци

Тој порача дека Русија „скапо ќе плати“ доколку употреби хемиско оружје во Украина, па повтори дека сака да избегне директна конфронтација меѓу НАТО и Москва бидејќи тоа ќе предизвика Трета светска војна. Бајден одби да ги открие информациите што наводно ги имаат американските разузнавачки служби, а врз основа на кои предупредија дека Русија се подготвува да изврши таков напад.

И додека Западот е загрижен од таква ескалација од страна на Москва, Москва не омекнува во обвинувањата дека Вашингтон и Киев имаат лаборатории за производство на биолошко оружје во Украина. САД и Украина ги отфрлаат таквите наводи, нарекувајќи ги апсурдни и дел од, како што велат, стандардната пропагандна пракса на Русија да обвинува други за нешто што самата планира да го направи.

Обединетите нации, пак, немаат сознанија за постоење на каква било програма за развој на биолошко оружје во Украина, изјави високиот претставник на ОН за разоружување пред Советот за безбедност.

Извор: МИА

- Реклама -