Бајден разгледува опции за кибер напад „од невидени размери“ врз Русија

Американскиот претседател Џо Бајден размислува за „мени“ од опции за спроведување на масивни кибер напади од страна на САД врз Русија, со цел да се попречи способноста на Русија да продолжи со воените операции во Украина, објави NBC News, повикувајќи се на двајца извори од американското разузнавање, еден од западното разузнавање и уште едно официјално лице кое било брифирано на темата.

Според нив, сѐ уште нема финална одлука, но дека американските разузнавачи и воените кибер експерти на Бајден му предложиле употреба на американски кибер-оружја од размер што досега никогаш не било размислуван. Меѓу опциите се: попречување на интернет конекцијата ширум Русија, гасење на електричната мрежа и манипулирање со железничките премостувачи за да ѝ се отежни на Русија да обезбеди поддршка за своите воени сили.

„Можете да направите сѐ, од тоа да ги забавите возовите, па до тоа да направите да излетаат од шините“, изјавил еден од изворите.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Според овие извори, повеќето од кибер-нападите што се разгледуваат се дизајнирани за да попречат, но не и да уништат, и затоа не достигнуваат степен на акт на војна од страна на САД против Русија. Идејата, според нив, е да се оштетат мрежите, а не луѓе.

Како што пишува NBC, се разгледува и правниот аспект за начинот на кој би се извеле кибер-нападите, но во секој случај САД не би признале јавно дека ги извршиле операциите.

„Нашиот одговор ќе биде строг и одмерен, но не толку суров за да го охрабри Путин да преземе подрастични чекори“, рекол еден од американските официјални лица.

Како што посочува NBC News, во американската влада постои значителна поделеност во однос на ова прашање, со тоа што едната страна се плаши од ескалирање на состојбата, додека другата инсистира на итен и силен кибер одговор.

- Реклама -