Вашингтон, 3 септември 2022 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден ќе побара од американскиот Конгрес уште 11.7 милијарди долари финансиска поддршка за Украина, соопшти Белата куќа.
Средствата ќе бидат наменети за набавка на опрема, разузнавање и директна буџетска поддршка за Украина.
Барањето на американскиот претседател е дел од поголем кризен пакет во вкупна вредност од 47,1 милијарди долари и доаѓа во време кога САД се борат со кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19 и мајмунските сипаници, како и со последиците од неодамнешните природни катастрофи што погодија одредени држави на југот од земјата, наведуваат британските медиуми.
Бајден од Конгресот ќе бара 11.7 милијарди долари итна финансиска помош за обезбедување воена и буџетска поддршка за Украина и 22.4 милијарди долари за олеснување на последиците од Ковид-19, пред потенцијалниот скок на случаите во текот на есента, соопшти Белата куќа.
Барањето на Бајден доаѓа во време кога Конгресот сѐ уште не го усвоил нацрт-законот за финансирање за 2023 година, што ќе овозможи повеќе време за преговори, забележуваат британските медиуми.
Новото финансирање за поддршка на Украина ќе биде дополнение на 40 милијарди долари што САД веќе ги одобри на почетокот на оваа година.