Американскиот претседател Џо Бајден наполни 81 година, настан кој веројатно ќе го привлече вниманието на неговиот статус како најстариот човек кој некогаш раководел со САД од Овалната соба, додека анкетите покажуваат дека Американците се загрижени за неговата возраст.
Бајден со хумор се обрати кон оние кои се загрижени дека можеби е премногу стар за тешките услови на Белата куќа, обидувајќи се да ги убеди гласачите дека неговата возраст и половина век искуство во јавниот живот се предност, а не хендикеп во одлучувањето за проблемите на земјата.
-Знам дека имам 198 години, се пошегува Бајден во јуни.
Доколку биде реизбран, Бајден би имал 86 години на крајот на вториот мандат. Досега рекордот за најстар американски претседател го држеше починатиот републиканец Роналд Реган, кој го заврши својот втор четиригодишен мандат на 77-годишна возраст во 1989 година.
Трамп, фаворит за републиканската номинација, кој речиси сигурно ќе се соочи со Бајден на изборите во 2024 година, има 77 години.
Во анкетата, од средината на септември, гласачите изразија загриженост за возраста на Бајден и способноста да ја извршува функцијата, при што 77 отсто од испитаниците, вклучително и 65 отсто од демократите, велат дека Бајден е премногу стар за да биде претседател, а само 39 отсто мислат дека е погоден да ја држи позицијата.
Педесет и шест отсто од анкетираните веруваат дека Трамп е премногу стар за функцијата, а 54 проценти – дека е способен да се справи со предизвиците како претседател на САД.
МИА