Вашингтон, 16 април 2022 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил, како и потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг Даг Емхоф, објавија информации за нивната заработка во 2021 година.
Бајден заработил 610.702 долари и платил 24.6 отсто од таа сума на име на федералниот данок на доход – 150.439 долари, пренесува Гласот на Америка.
Како претседател, Џо Бајден заработил 378.333 долари, што е нешто помалку од предвидената претседателска плата од 400.000 долари откако ја презеде функцијата во јануари.
Неговата сопруга Џил заработила 67.116 долари работејќи како наставничка на колеџ во Вирџинија.
Тие донираа 2.8 отсто од вкупниот приход во добротворни цели – 17.384 долари, плус 5.000 долари на фондацијата Beau Biden, која се занимава со спречување на злоупотреба на деца.
Потпретседателката на САД – Камала Харис, и нејзиниот сопруг Даг Емхоф пријавиле приход од 1.666.563 долари, а на име федерален данок платиле 31.6 отсто, односно 523.371 долари.
Емхоф ја напушти адвокатската канцеларија во која работеше во 2021 година, а неговите партнери му ги исплаќаат сопственичките приходи, соопшти Белата куќа.
Минатата година, сопругот на Камала Харис добил 582.543 долари од неговата адвокатска канцеларија.
Емхоф, кој сега предава на Универзитетот Џорџтаун, и Камала Харис заработиле вкупно 380.288 долари, а добиле дополнителни 319.000 долари од продажбата на куќа во Сан Франциско.
Потпретседателката на САД во 2021 година од продажбата на својата книга заработила 386.713, а заедно со сопругот донирала околу 1.3 отсто од вкупниот приход, односно 22.000 долари за хуманитарни цели.