Бајден: САД испраќаат 31 тенк, поддршката на Украина е обврска на светот

Американскиот претседател Џо Бајден, на денешната прес-конфренција, најави дека САД ќе испратат 31 тенк „Абрамс“ во Украина. Тој соопшти дека утрово разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак и италијанската премиерка Џорџа Мелони за поддршката за Украина.

„Денеска објавувам дека Соединетите Американски Држави ќе испратат 31 тенк Абрамс во Украина, што е еквивалент на еден украински баталјон“, рече тој.

„Државниот секретар Лојд Остин го препорача овој чекор бидејќи со тоа ќе се зајакне капацитетот на Украина да ја брани својата територија и да постигне стратешки цели“, рече американскиот претседател.

Бајден посочи дека тенковите Абрамс се најспособните тенкови во светот и тие се, исто така, исклучително сложени за ракување и одржување.

Прочитајте и:  Вонредно обраќање на Путин до нацијата во врска со војната во Украина

„Значи, на Украина и ги даваме деловите и опремата неопходни за ефикасно одржување на овие тенкови на бојното поле“, додаде тој.

За испорака на овие тенкови, посочи, „ќе биде потребно време“, но САД ќе се погрижат украинските трупи да бидат „целосно подготвени“ да управуваат со тенковите.

„Поддршката на способноста на Украина да се бори против руската агресија, да го брани својот суверенитет и територијален интегритет, е обврска на светот“, порача Бајден.

Претходно и Белата куќа соопшти дека ќе испрати „Абрамс“ во Украина, а САД ќе обезбедат и соодветна обука и делови неопходни за оперативност на тенковите.

Извор: МИА

- Реклама -