„Морам да кажам дека граѓаните на Северна Македонија имаат среќа што имаат ваков премиер. Има голема енергија и прави сè за овој клучен миг во историјата на Република Северна Македонија да се оствари“, рече премиерот на Чешката Република – Андреј Бабиш, кој денеска беше во посета на земјава, одговарајќи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
„И штом Северна Македонија сè исполнила – а господинот премиер ме информираше дека во 20 точки Жан Клод Јункер тоа го презентира како успех, штом Макрон испрати видео за референдумот, штом ве посети г-ѓа Меркел, нема причина на 26-ти да не каже: Да, треба да почнеме со пристапни преговори. За мене тоа е очигледно“, констатираше Бабиш.
„Кога политичари нешто ветуваат, треба и да го исполнат. Тоа е навистина многу важно за целиот регион. Бидејќи кога во регионот има чувство дека нешто се ветува, како во моментов, а потоа тоа не се исполни, тоа секако ќе биде многу лошо. И затоа сметам дека тоа е многу важно и сметам дека сите европски политичари треба тоа да го сфатат“, додаде чешкиот премиер.