Австриски истражувачи создадоа објективен бројач на демонстранти на протести

Од протестите на Жолтите елеци во Париз.

Различните проценки на полицијата – од една, и организаторите на протестите – од друга страна, околу бројот на демонстранти на даден протест, не е само македонски феномен. Примерите од светската јавност покажуваат дека се случува секаде.

Откако на последните протести против Академскиот бал на десничарските братства во Виена организаторите соопштија дека имало 4.500 учесници, а полицијата наведе дека биле не повеќе од 1.600, истражувачите од dwh GmbH, по нарачка на државната австриска телевизиска мрежа ORF, развија нов метод на објективно пребројување.

„Податоците (за бројот на учесници) се разликуваат во зависност од тоа која страна каква порака сака да испрати. Тоа претставува предизвик за објективното известување“, истакнува Михаел Ландсидел – истражувач од DWH.

За да се овозможи објективно пребројување на демонстрантите, DWH во соработка со Техничкиот универзитет во Виена, разви метод базиран на снимање на демонстрантите од птичја и повеќе перспективи истовремено, додека самото пребројување го прави алгоритам.

Методот првпат беше применет токму врз демонстрациите против балот на десничарите. Со помош на новиот алгоритам, истражувачите преброиле дека на протестот имало 1.700 до 1.800 учесници. Според нив, нивниот систем може да содржи грешка од +/- 2% до 5%.

„Во моментов ова е најпрецизниот метод на пребројување на учесници на протести. Единствен попрецизен метод би бил преку продажба на карти, но тоа кај протестите, се разбира, не е возможно“, вели Ландсидел.

Австриската полиција, пак, е задоволна што при проценката на бројот на учесници на протестот направила минимална грешка. Портпаролот на полицијата – Харадл Серес, објасни како изгледа нивниот метод:

Чуварите на редот секогаш избираат едно место на кое ги пребројуваат учесниците, вели тој. Кај минатите протести, на пример, полицијата избрала едно тесно грло каде поворката преминувала од една во друга улица, а двајца полицајци броеле колку учесници има во еден ред од поворката.

„Пребројуваме 10 редови и потоа пресметуваме некаков просек“, открива Серес.

- Реклама -