„Aвстриската современа уметност по 1945“ во Даут пашин амам

„Националната галерија како најстара и водечка институција од галериска и музејска дејност во нашата држава, тргнувајќи од нејзиното основање во далечната 1948 год., па се до денес, настојува да презентира најразнообразни ликовни изразувања и автори кои одиграле значајна улога и оставиле посебен белег во афирмацијата и развојните тенденции како во македонската, така и пошироко, во светската современа ликовна уметност. Изложбата “Австриската современа уметност после 1945”, поставена овде во објектот „Даут пашин амам“, споменик на културата кој датира од втората половина на 15 век, а на чие отворање вечерва присуствуваме е дел од низата културни настани организирани по повод одбележувањето на јубилејот 30 години од воспоставувањето на дипломатска соработка помеѓу нашите две пријателски земји. Ваквите настани се, пред се, одраз на долгогодишното взаемно почитување во градењето на значајни билатерални културни врски.

Ако се согласиме дека јазикот на уметноста и културата е универзален јазик кој во себе ги создава, гради и негува општочовечките вредности, тогаш можеме да кажеме дека токму преку афирмацијата на уметничкото творештво во најголема мера всушност можеме да ги зацврстиме културните врски меѓу народите и земјите, притоа секогаш истакнувајќи ги взаемните и универзални вредности и поттикнувајќи исклучиво одредена хуманистичка димензија“ – истакна Неделкоска Брзанова.

Секогаш позитивниот и пријателски тон на австрискиот амбасадор и овој пат прозвучи низ галерискиот простор на Даут пашин амам: 

„Културната дипломатија, место за средба меѓу локалното и глобалното знаење е привилегиран посредник меѓу различни општества. Меѓу најголемите приоритети на Амбасадата е реципрочната промоцијата на културата на двете земји, културно наследство кое дејствува како мост меѓу цивилизациите и го поттикнува дијалогот.

Уметничката креативност, изразување и делата што произлегуваат од нив се секогаш под влијание на традицијата и наследството. Сепак, овие влијанија можат да послужат како инспирација за нови уметнички форми, без разлика дали преку бунт, спротивставување или одговори на пресврти, закани, катастрофа или уништување. За возврат, овие нови форми може да еволуираат во изрази на иронија или отуѓеност. Прашањето, дали 1945 година претставуваше нов почеток за австриската уметност или дали континуитетите од пред таканаречениот „Аншлус“ во март 1938 година се движеа, или дури и дали развојните линии од пред 1918 година сеуште играа улога, е прашање што може веројатно да се одговори само со јасно „сите тие, секако“. Напредокот постигнат по Втората светска војна – вкоренет во просветителските вредности како што се човековите права, демократијата, владеењето на правото и (социјалната) пазарна економија и нивното спроведување, имаше широк досег и партиципативно влијание. Оваа промена, која се оддалечи од тоталитарните идеали и траеше до крајот на Железната завеса, донесе невидена различност во општеството и културата. Постојано се развива стилската, концептуалната и креативната разновидност која е во контраст со поригидните класификации на големите уметнички епохи од минатото и сеуште може да се смета како дефинирачка карактеристика на глобалниот културен развој – вклучително и во Австрија – сподели меѓу другото, австрискиот амбасадор, господинот Мартин Памер. Воедно, амбасадорот лично се заблагодари на сите чинители кои дадоа личен придонес во реализацијата на овој настан.

Во реализацијата на изложбата “Австриската современа уметност после 1945” е вклучено Министерство за култура и туризам што претставува директна поддршка на меѓународната културна соработка и активност. Протоколот на настанот го надополни присуството и обраќањето на  државниот секретар во Министерство за култура и туризам.

„Оваа изложба е знак на почит меѓу двете држави, знак за поддршка на културниот идентитет на народите, но и врска за меѓусебно продлабочување на односите на повеќе нивоа.

Со овој пресек на современата австриска уметност, делата и авторите кои извршиле своевидно влијание на европската и на балканската модерна, одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу нашите две држави. Секако дека вакви сериозни проекти даваат нов квалитет во градењето на билатералните односи укажувајќи на значењето и силата на уметноста во споделувањето на европските вредности.

Сосема на крај, би сакала да додадам дека антиципацијата на нови меѓукултурни и меѓудржавни дијалози не завршува со овој проект.

Негувањето на традицијата на меѓусебните односи во сите сфери со Република Австрија, нè обврзува да останеме доследни, да продолжиме по патот по кој што е трасирано нашето вистинско пријателство и насоченоста кон нови перспективи за идните генерации.

Да продолжиме да постигнуваме забележителни резултати, со свесност дека постојат голем број можности кои чекаат да бидат реализирани, многу активности и нови проекти во културата, нови содржини кои ќе ги зајакнат односите и во регионот“ – е дел од обраќањето на Марија Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам.  

Д-р Кристоф Тун-Хоенштајн, амбасадор и раководител на Директоратот за културна соработка при австр. Министерство за европски и меѓународни прашања експлицираше за значењето на културните размени, културниот дијалог во процесот на европското интегрирање.

Кураторот на изложбата, Проф. Волфганг Бандион го имаше завршниот збор за претставување на селекцијата од приватната колекција на современата австриска уметност по Втората светска војна. 

- Реклама -