Фестивалот „Охридско лето“ со поддршка на Австриската амбасада во земјава вечерва ја организира традиционалната Австриска вечер на која ќе настапи музичкиот состав „Арпеџо“ од Виена.
Концертот на класична музика ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а на репертоарот ќе бидат дела за виолина, виола, виолончело и харфа. Ќе настапат Леонард Фурда, прва виолина, докажан виолинист и член на Виенскиот камерен оркестар.
Втората виолина е Јохана Лакроа, слободен уметник која настапува како солист, но и со Камерната опера во Виена, со барокни ансамбли и различни камерни формации.
Публиката ќе има можност да ужива и во музицирањето на виолистот Ентони Гилберт од Мемфис, Тенеси. Од 2020 година живее во Виена и редовно настапува како член на Виенскиот камерен оркестар.
Со овој музички состав ќе настапи и виолончелистката Мара Ахлајтнер која досега има остварено бројни турнеи во Јапонија и во Европа со Оркестарот на виенскиот бал, а редовно настапува со Виенскиот камерен оркестар и Ансамблот „Контрапункт“ во престижните Музикферајн и Концертхаус во Виена.
Вечерва ќе свири и словенечката харфистка Тина Жердин која е дел од оркестарот на Виенската академија, на Виенскиот камерен оркестар како на Австро-унгарската „Хајдн Филхармонија“ и на оркестарот „Синхрон“. Често е ангажирана и во Виенската опера како и во други виенски оркестри. Како солист и камерен музичар Тина Жердин е активна најмногу во Австрија и Словенија, но и во други земји во Европа и Азија.