Австрија во локдаун, најавени казни: 3.600 евра за одбивање на вакцина против ковид, 1.500 евра за одбивање трета доза

EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Откако австриската Влада прогласи четврти национален „локдаун“, на прес-конференција е најавено дека по воведувањето на задолжителната вакцинација ќе бидат објавени казни за непочитување на новата обврска.

Предлог-законот, на кој работи австриското Министерство за здравство, предвидува лицата кои нема да ја почитуваат обврската за вакцинација да бидат казнети со 3.600 евра за одбивање на првата доза и 1.500 евра за одбивање на третата доза, пишува Блумберг.

„Мора да се направи понуда и да се поттикнат граѓаните да се вакцинираат. Кој ќе ја одбие таа понуда, ќе мора да плати казна“, изјави австриската министерка задолжена за уставни прашања – Каролин Едштадлер.

Таа потврди дека казните ќе бидат од 1.500 до 3.600 евра во зависност од дозата.

„Апсолутно не сме задоволни со стапката на вакцинација“, истакна Едштадлер.

Четвртиот локдаун во Австрија почнува денеска, со што земјата стана првата западноевропска земја што повторно воведе драстична и непопуларна мерка оваа есен.

Повеќето места каде што се собираат луѓето, како ресторани, барови, театри и продавници, ќе бидат затворени 10 дена, а Владата соопшти дека заклучувањето може да продолжи и 20 дена.

Ќе мора да се затворат и божиќните саеми кои привлекуваат голем број туристи, но скијачките центри остануваат отворени за вакцинираните. Хотелите ќе се затворат, но ќе останат отворени за оние кои останале во нив пред почетокот на локдаунот.

„Ова е ситуација кога треба да реагираме сега. Заклучувањето, релативно тежок метод, е единствената опција за намалување на бројот на инфекции овде“, изјави министерот за здравство – Волфганг Муекштајн, за ОРФ.

Во петокот, Владата во Виена соопшти дека денеска повторно ќе воведе целосно заклучување и оти вакцинацијата ќе биде задолжителна од 1 февруари, потег што го спроведоа само неколку земји.

Граѓаните можат да ги напуштат домовите само доколку одат на работа или да купат основни намирници. Одењето на прошетка е дозволено без временски или далечински ограничувања, а истовремено може да се сретнат две лица од различни домаќинства.

Работните места и училиштата остануваат отворени, но Владата побара од родителите да не ги испраќаат своите деца во училиштата и да ги задржат дома ако е можно.

МИА

- Реклама -