Авион на авиокомпанијата Southwest Airlines кој летал од Сиетл за Далас, морал на скоро половина пат да сврти 180 степени и да се врати на аеродромот од каде што полетал, откако екипажот открил оставено срце за трансплантација, објави компанијата и американските медиуми.
Инцидентот се случил во неделата. Срцето било транспортирано од Калифорнија до болница во Сиетл, каде требало да биде искористено за трансплантација на срцеви залистоци. Но, веројатно поради нечија огромна заборавеност, наместо во болницата во Сиетл, срцето се нашло на пола пат кон Далас.
Патниците биле шокирани кога пилотот објавил дека авионот, откако прелетал 950 од вкупниот пат од 2.500 километри, ќе мора да се врати на аеродромот во Сиетл. Како што пренесуваат американските медиуми, голем дел од патниците фатиле да гуглаат на смартфоните за да проверат колку долго може едно срце да биде складирано пред да стане неупотребливо за трансплантација – според експертите, типично тоа значи меѓу 4 и 6 часа. Авионот бил во воздух вкупно три часа.
Еден доктор што се нашол меѓу патниците, неповрзан со настанот, во изјава за „Сиетл Тајмс“ го оценил инцидентот како „страшен случај на огромна неодговорност“.
На крајот срцето сепак стигнало во болницата во рокот во кој може да се искористи, барем според проценките на експертите.