Авиокомпанија тужи патник зашто не се качил на летот

Германската авиокомпанија Lufthansa тужи патник кој не се качил на летот од втората половина од патувањето. Но тужбата не е затоа што патникот бил неодговорен.

Имено, патникот всушност се послужил со итра шема, добро позната во авиоиндустријата како „скриен град“. Патникот резервира лет со застанување во некој град и потоа останува во тој град, без воопшто и да помисли да се качи на летот од вториот дел од патувањето. Летовите со застанување обично се далеку поевтини од директните летови, кои повеќето луѓе ги преферираат за да заштедат на време. Меѓутоа, тие што сакаат да заштедат пари, барем оние похрабрите, неретко го користат трикот.

CNN објаснува како работи: На пример, кога некој сака да лета од Њујорк до Сан Франциско, може да купи поевтина карта од Њујорк до Тахо со застанување во Сан Франциско. Кога патникот ќе стигне во Сан Франциско, едноставно не се качува на летот што продолжува од СФ до крајната дестинација за која платил, во случајов Тахо.

Таков бил случајот и со патникот што го тужи Lufthansa. Човекот резервирал повратен лет од Осло до Сиетл, со застанување во Франкфурт. Патникот ги искористил сите етапи од патувањето, но не се качил на летот од Франкфурт до Осло. Наместо тоа, фатил посебен лет на Lufthansa од Франкфурт до Берлин.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

Па така, авиокомпанијата бара компензација во износ од нешто повеќе од 2.000 евра, по основ дека била неправедно изиграна. Тужбата првично беше отфрлена од судот во Берлин, но Lufthansa ќе се жали на одлуката, пренесува CNN.

Шемата „скриен град“ е добро документирана и често употребуван трик, кој експертите за патување го препорачуваат како итар начин да се изигра системот. Некои сајтови препорачуваат летање исклучиво со билети во е ден правец, бидејќи често е поевтино од повратни билети.

Што се однесува до „скриен град“, во 2014-та американската United Airlines (со седиште во Чикаго, Илиноис) го тужеше 22-годишниот Актарер Заман кој го основа сајтот Skiplagged.com, кој им помага на патниците да најдат поевтини летови токму користејќи ја стратегијата со застанување. Судот во Илиноис го отфрли случајот, но само затоа што се изјасни дека нема надлежност, бидејќи Заман не живеел и неговиот бизнис не е заснован во тој град.

- Реклама -