Авиокомпанија најде решение за патниците што не сакаат да седат до бебе, не сите се задоволни

Јапонска авиокомпанија најде решение за патниците кои не сакаат да патуваат до патници со бебиња. За таквите, авиокомпанијата на својот вебсајт ќе користи посебни ознаки.

„Патниците кои патуваат со деца на возраст од 8 дена до 2 години, а ќе ги одберат своите места на веб страната на Japan Airlines, на екранот за избор на местото во авионот ќе имаат детска икона. Тоа на другите патници ќе им даде до знаење дека тука седи дете“, потврди портпаролката на авиокомпанијата.

Иако не се работи за некаква револуционерна новост, мерката предизвика лавина реакции, впрочем како и секогаш кога во прашање се бебиња во авион и другите патници кои имаат ниска толеранција за најгласните меѓу нив.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

„Благодарам што ќе ме предупредите каде ќе вришти бебе во текот на 13-часовниот лет. Ова би требало да биде задолжително за сите авиокомпании“, коментира извесен Рахат Ахмед.

Додека некои ваквиот потег на компанијата го дочекаа со раширени раце, други сметаат дека се работи за сосема непотребна мерка која повлекува и други слични на неа.

„А може ли истиов софтвер да нѐ известува и за тоа каде седат луѓето кои мљацкаат кога јадат?“, пишува еден Твитер корисник. „И оние што премногу пијат, ги соблекуваат чевлите или ми спијат наслонети на рамото“, додаваат другите.

 

- Реклама -