Граничната полиција од преминот Богородица во понеделникот била сведок на несекојдневен настан. При патролирањето, тимот пронашол 18-годишна родилка, која лежела на паркингот во близина на браната Паљурци, која се виткала од болки и барала помош. Жената ниту го зборувала македонскиот јазик, ниту пак имала некакви документи со себе, пишува Утрински.
Оставена сосема сама, без никаква помош, таа вечерта околу 19 часот добила породилни болки на патот Богданци – Дојран. Надлежните се сомневаат дека била дел од група од Авганистан, која илегално влегла во земјава. Најверојатно кога ги добила симптомите за породување, останатите од групата ја оставиле сама и побегнале, во надеж дека некој ќе и’ помогне.
За среќа, нејзините повици за помош ги слушнал патролниот тим. Со нивна помош таа била пренесена во болница во Валандово. Таму 18-годишната Холами Атиге ја родила својата ќерка.
Митко Илиев, командир на граничната полиција на Богородица вели дека досега не се случил ваков настан.
„Бев буквално затекнат кога ми се јавија за да ме известат дека е пронајдена жена која добила болки и се породува на паркингот кај браната. Веднаш повикавме Брза помош, се јавувавме секаде за да пронајдеме гинеколог што ќе ја породи.
Имавме сериозен проблем, оти во Гевгелија немаше гинеколог, па баравме во кој друг град да ја однесеме. Откако пронајдовме лекар во Валандово, веднаш со полициско возило ја однесовме таму родилката“, раскажува Илиев.
Од пронаоѓањето на жената до нејзиното породување поминале два и пол часа.
Докторот од Валандово кој го извршил породувањето ги известил дека породувањето поминало без проблеми, но доколку жената не била пренесена навреме во Медицинскиот центар, постоела опасност од задушување на детето. Можни биле компликации со папочната врска, која била замотана околу вратот на детето, а тоа можело да доведе и до смрт на мајката.
Родилката од Авганистан и нејзиното бебе се наоѓаат во Здравствен дом Валандово.