На 26 април (петок) во Домот на култура „Драги Тозија“ во Ресен од 12 часот на пладне, па сѐ до 19 часот ќе се одржи аудиција за споредени улоги и статисти за филмот „Деца на сонцето“ кој наскоро ќе се снима во Преспа, во режија на Антонио Митриќески.
На аудиција се повикани сите заинтересирани над 18 годишна возраст.
Речиси сите локации за снимање се наоѓаат покрај езерото Преспа, каде што ќе бидат изградени и адаптирани објекти. При тоа, филмската екипа внимава и ќе обрне сериозно внимание кон зачувување на природата, бидејќи, над сѐ, целта на режисерот е да ги покаже убавините на Преспа.
Филмот е според сценарио на култниот писател Гордан Михиќ. Ова е трет игран филм на Митриќески на кој му претходат „Преку езерото“ во 1997 година и „Како лош сон“ во 2003 година. Планирано е да се снима 36 дена.
Филмот „Децата на сонцето” е љубовна приказна во која главни ликови се Ангела и Марко. Дејствието се случува на периферијата на едно мало гратче крај Преспанското Езеро. Проследени се доживувањата на семејството на Ангела. Таа е ќерка на Кале и Мира, кои имаат уште два сина и една ќерка. Кале држи кафеана, во која му помагаат неговата сопруга и децата. Мира дознава дека од Германија е многу богат човек, што се вика Фурда и решава дека ќерка и Ангела треба да се омажи за тој богат човек и да се спасат од сиромаштијата. Но, Ангела е во љубовна врска со Марко, телохранителот на мафијашот Сони. Таа жестоко се спротивставува на желбата на мајка си да се омажи со тој човек кој не го познава…