Audi лансира специјален SQ5 TDI

На салонот во Париз ќе видиме едно од специјалните изданија на Audi. Станува збор за моделот SQ5 TDI Exclusive, кој ќе се нуди за 33.000 евра поскапо од стандардната верзија.

Веднаш се поставува прашањето зошто е цената на ова возило толку повисока и на што се должи тоа? Првата асоцијација е дека Exclusive верзијата се должи на сериозна доработка на моторот. Но, не е, тој е сличен со оној кај стандардниот SQ5 TDI, 3,0-литарски би-турбо V6, со 313 КС и 650 Nm.

„Солената“ цена за ваквиот автомобил е резултат од уникатните решенија во ентериерот и екстериерот на автомобилот. Тие се дело на Quattro GmbH и не може да се сретнат во ниту еден друг сериски модел на Audi.

Надворешноста на Audi SQ5 TDI Exclusive е обоена во посебна сина боја со кристален ефект (Aral Blue), која е создадена специјално за моделот. Во ентериерот е користена фина кожа Nappa, со која се покриени управувачот и рачката на менувачот. Кожениот црн тапацир е со опшиени рабови со бел  конец.

Со истата кожа, но во светла боја, се покриени спортските фотелји на автомобилот, како и инструменталната табла. За таванот и капакот на стаклениот покрив е користена алкантара.

Audi SQ5 TDI Exclusive ќе биде произведено во лимитирана серија од само 50 примероци, а испораката ќе започнат во првата половина на 2013 година.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -