Audi претставува три електрични модели до 2020 година

Палетата електрични модели на Audi ќе се зголеми сериозно во следните неколку години, објави шефот на брендот Руперт Штадлер, во интервјуто за списанието Autocar.

Тој потврди дека компанијата ќе претстави три нови електрични модели до 2020 година: кросовер, луксузен седан и градски електромобил. Штадлер објави дека кросоверот, кој ќе дебитира прв, ќе го добие името E-Tron, а досега тоа име се користеше за дополнување на веќе постоечки модел, за да означува дека тој е електричен.

– Можеме да го споредиме првиот електричен кросовер со првиот автомобил Audi Quattro кој сите  го нарекуваа едноставно Quattro, објасни шефот на Audi. – Во долгорочна иднина E-Tron ќе остане како ознака на електричните модели. Но, ќе го користиме и како дополнување на други модели на кои електричната опција е само верзија од гамата.

Според извори од Audi, луксузниот седан ќе го носи името А9 E-Tron и ќе има ист погон како кросоверот – три електромотори, најверојатно еден на предната оска, а другите два – на задната. Таква беше шемата на погон на прототипот на кросоверот – E-Tron Quattro, кој дебитираше минатата година во Франкфурт. Лимузината ќе биде ривал на Tesla Model S и се очекува да има автономија од најмалку 500 километри. Штадлер даде многу пофалби за идниот градски електромобил на Audi.

– Имаме сериозно побарување на урбаните модели, особено во најголемите градови на светот, објасни Штадлер. – Кај нив автономијата меѓу 350 и 450 километри со едно полнење е повеќе од добро достигнување. Но, треба да создадеме урбани модели кои ќе се со компактни димензии, но со пространа внатрешност.

Се претпоставува дека за разлика од кросоверот и лимузината, градскиот електромобил на Audi ќе е базиран на платформата на Volkswagen, создадена за електричните модели на компанијата.

Автоплус
- Реклама -