Во шпанското финале на Лига Европа, Атлетико Мадрид на импресивен начин стигна до титулата, со потполна доминација над Атлетик Билбао.
Благодарение на феноменалниот Колумбиец, 26-годишниот Радамел Фалкао, кој постигна два гола уште во првото полувреме, Атлетико Мадрид стигна до посакуваниот трофеј кој за „црвено-белите“ претставува вкупно петти во нивната историја на настапи на европската сцена.
Фалкао уште во 7. минута со извонреден погодок донесе водство од 1:0, кое го зголеми на 2:0 во 34. минута. Во продолжението, тимот на Марсело Биелса ја презеде иницијативата и имаше неколку убави можности за гол, но не успеа да го направи финалето поинтересно. Во една таква ситуација, следеше казната во 85. минута за конечни 3:0, со погодокот на Диего. Само неколку минути претходно Фалкао пропушти можност и за хет-трик погодувајќи го десниот дирек од голот на Атлетик Билбао.
Атлетико Мадрид и пред две години ја освои Лигата на Европа, додека нивниот најдобар стрелец Радамел Фалкао го предводеше Порто до трофејот во ова натпреварување минатата сезона. Атлетик Билбао, и покрај огромната желба, не успеа да дојде до својот прв европски трофеј, откако во 1977 година загубија од Јувентус во финалето на Купот на УЕФА.
Објавено во соработка со Екипа.