И Атина поставува споменик на Александар Велики (ФОТО)

Во вторникот во централна Атина била поставена основата за споменикот на, како што пишува „Катимерини“, грчкиот воин и крал Александар Велики.

Статуата е висока 3.5 метри и е дело на скулпторот Јанис Папас (1913-2005). Ја финансира неговото семејство, откако претходно општинскиот совет на Атина го одобри нејзиното поставување.

Статуата е завршена уште во 1973 година, но следните 20 години ги поминала во работилницата на Папас. Првпат била изложена во грчката Национална галерија во 1992 година, а следната година била купена од грчкото Министерство за култура. Потоа била донирана на градот Атина, со намера да се постави во стариот центар на градот. Сепак, долги години тоа не го дозволувал Централниот археолошки совет, сè до неодамна, кога конечно дал согласност, пишува „Грик репортер“.

„Македонскиот крал Александар починал во 323 година п.н.е., откако создал империја што се протегала од Грција до Индија“, пишува „Катимерини“.

Грција веќе има еден споменик на Александар Велики – тој во Солун, висок над 6 метри.

 

- Реклама -