„Скандалозното однесување и работење на Лидија Димова е недозволиво. За само една недела излегоа на површина сите фекалии од криминалното работење на кадрите на СДСМ во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“, обвинија повторно денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Да потсетиме, доделени над 270.000 евра на фризерница за проекти за медиумска писменост. Сеуште не одговори Лидија Димова за сомнежите околу рангирањето на проектите, не ги објави јавно, но и сеуште не сноси одговорност за сомнежот дека против законот е добиен проектот, од страна на надворешен соработник на агенцијата, вклучетелно кој е нејзин близок пријател од кафеански седенки. Исто така купени се две луксузни возила од страна на Лидија Димова за луксузирање во вредност од 100.000 евра. Доделени се над 83.000 евра за дресура на магариња, нешто невидено до сега и тоа овластено лице на носителот на проектот е брат на пратеник од редовите на СДСМ, пратеникот Диме Велковски“, истакна портпаролот на партијата – Димче Арсовски.
На денешната прес-конференција, тој обвини за злоупотреба на парите од Еразмус + програмата во уште еден проект на братот на пратеникот Велковски – наречен „Избери сирење“, за кој се доделени 125.000 евра.
„Значи, доделени 125.000 евра европски пари од проект ‘Избери сирење’ каде што треба да се едуцираат деца за сирење, пари што отишле повторно кај Диме Велковски. Неспорно е веќе дали се валидни или не апликациите околу магарињата и сирењето“, рече Арсовски.
Тој одговори како е можно овие два проекта во вредност од над 200 илјади евра европски пари, Димова да ги додели токму кај братот на пратеникот од СДСМ Диме Велковски, токму пред парламентарните избори, и побара Велковски и Димова јавно да објават на кој начин се трошеле и каде завршиле овие пари.
„Бараме да објават јавно дали парите биле влечени преку сметки на други лица да ги вратат кај добитниците на проектите, за што постои и сомнеж во проектите поврзани со фризерницата коишто беа јавно изнесени на прес конференцијата на Лидија Димов“, истакна Арсовски.
Тој побара Димова веднаш да си даде оставка, а најави и дека македонската јавност наскоро ќе дознае кој и зошто ја штити досега.
„Овој скандал со Националната агенција е скандал налик оној на Фондот за иновации каде што милиони беа доделени на роднини и функционери блиски на СДСМ. Сега и во наредниот период ќе се дознае за проектите во Националната агенција“, порача Арсовски.